До 2030 година над 2,3 милијарди возрасни, како и 100 милиони деца, ќе имаат потреба од услуги за грижа – говорат проценките на Меѓународната организација на трудот.
МОТ соопшти дека во моментов повеќе од три четвртини од неплатената работа за грижа ја извршуваат жени. Во глобални рамки, 20% од здравствените работници и работниците за грижа работат неформално, а овој процент се зголемува на над 30% во земјите со низок и среден приход.
Оваа статистика беше споделена по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за грижа и поддршка, 29 октомври. МОТ денеска потсети дека во јуни годинава беше донесена и Резолуцијата за достоинствена работа и економија на грижа која има за цел зајакнување на економијата за грижа преку промовирање на достоинствената работа, почитување на правата на работниците и обезбедување подобри услови за оние кои се дел од овој сектор.
Резолуцијата претставува значаен чекор кон решавање на предизвиците и подобрување на квалитетот на работните места во овој сектор, кој е суштински за поддршка на ранливите групи во општеството.
Како глобален лидер за унапредување на достоинствената работа во економијата на грижа, МОТ се води според принципите на т.н. рамка за достоинствена и ја истакнува потребата од соработка меѓу владите, синдикатите и работодавачите за постигнување на позитивни промени во секторот на грижа и издигнување на достоинството и правата на работниците.
А кога станува збор за правата на работниците, проблемите и предизвиците на ова поле се најдоа во фокусот и на поткастот „Да биде појасно“ на Канал 77. Работничките права се темата на која новинарскиот тим дискутираше со претседателката на Гласен синдикат, Кристина Ампева. Нејзините аргументи и пораки ќе може да ги слушнете во претстојната епизода од овој поткаст која треба да се емитува в четврток, на 31 октомври.
Дотогаш, прочитајте кои се резултатите од анкетата која ја поставивме на оваа тема со помош на алатката за ангажирање на публиката:
Корисниците кои одговориле на анкетата се всушност едногласни во ставовите дека работниците не се цените во колетивите каде работат, а платите не се достоинствени. Не се чувстуваат мотивирано, а за заминувањето на младите во странство причината се ниските плати. Од 55 граѓани кои одговориле на нашите прашања, само петмина одговориле дека се мотивирани да одат на работи и сите се од приватен сектор. Повеќе од половината сметаат дека сите, без разлика на етничката пропадност се соочуваат со истите проблеми на работа, а 36 одговориле дека не се цениети на работа. Само шестмина сметаат дека се ценети.
Половина од тие што одговориле, условите за работа ги оцениле со лоши и многу лоши, додека само двајца рекле дека се многу добри. Незадоволството доаѓа најчесто од ниските плата, а потоа како втора најчеста опција е избрана можноста да се напредува и трето – третман од претпоставените.
Повеќе од половината (30) сметаат дека младите си одат од државата поради ниските плати.
Нема значајна разлика во одговорите меѓу вработените во приватниот и во јавниот сектор. Разликата се јавува во делот на членувањето или постоењето на синдикати во нивните компании. На прашањето дали постои синдикат таму каде што работат, од 55 одговори, само 7 одговориле потврдно. Од нив, 5 работат во јавен сектор, 2 во приватен. Од 55 што одговориле, само 8 биле или се членови на синдикат.
На анкетата најчесто одговарале луѓе меѓу 25 и 40 години. Повеќето се од машки пол.