Малата Емилија почина во септември 2021 година на 4-годишна возраст за време на посета на стоматолог кога, како што се сомнева, анестезиологот Џералд В. (67) од Хесен ѝ вбризгувал контаминиран анестетик за време на стоматолошки третман. Уште три деца за малку ќе починеа од неговите раце.
Емилија починала како последица на труење на крвта во ординација на забарот бидејќи Џералд В., наводно, ја спречил навреме да добие соодветна медицинска помош.
Според Билд, Џералд В. е обвинет дека се обидел да ги прикрие своите постапки и ужасни пропусти во хигиената со тоа што не дозволувал децата да бидат однесени во болница иако се во критична состојба, знаејќи дека е сè потешко да се докаже сепса како времето минува.
Анестезиологот се товари за убиство од небрежност и обид за убиство на уште три деца.
Според обвинението, Џералд В. му рекол на загрижениот колега стоматолог „да не прави драма“ што е лошо за децата. Се верува дека малата Емилија би преживеала доколку навреме ѝ укажале лекарска помош. На судењето се дозна дека Џералд В. од претходно им бил познат на органите на прогонот и дека против него претходно била поднесена кривична пријава за смрт на пациентка во Манхајм во 2019 година. Тој е обвинет дека ставил средовечна жена под општа анестезија без соодветно следење на нејзините витални знаци.
Во текот на судењето за смртта на девојчето, адвокатот на обвинетиот рече дека неговиот клиент најверојатно „не сакајќи имал пропусти во хигиената“.
Адвокатот рече дека неговиот клиент се обидувал да го спаси животот на девојчето, а нема докази дека го убил детето со умисла или дека се обидел да го прикрие пропустот. Како што се наведува, Џералд В. понудил да плати 20.000 евра отштета на семејството на починатото девојче, пишува Билд.
Се очекува пресудата да биде изречена следната недела, а бидејќи обвинителството стравува дека Џералд В. би можел да побегне пред изрекувањето на пресудата, побарано е да му биде одреден притвор и доживотна забрана за вршење на медицина.