Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен предлог против пет физички и правното лице – Јавна установа Национален парк “Пелистер“ – Битола за кривично дело – Пустошење шума од член 226 од Кривичниот законик. За истиот настан, поднесено е обвинение и против одговорно лице – в.д. директор во правното лице кое се товари за кривично дело – Несовесно работење од член 353в став 5 во врска со став 4 од Кривичниот законик.
На точно неутврден датум во периодот од крајот на септември 2023 година до 09.10.2023 година, во близина на место викано “Голема ливада“ во рамките на Националниот парк Пелистер, петтемина први соизвршители, во име и за сметка на обвинетото правно лице кое стопанисува со Националниот парк Пелистер, спротивно на Законот за шумите, сечеле шума во националниот парк.
Врз основа на усна наредба на двајцата првообвинети, останатите тројца шумски работници, без претходно одобрение и извршен преглед на ознаката за сеча од овластен инспектор за шумарство од Државниот инспекторат за шумарство, од Националниот парк Пелистер бесправно исекле 85 стебла молика и 24 стебла ела во вкупна количина на дрвна маса од 168.63 м3, со намена за нивна продажба како дрвна маса во име и за сметка на обвинетото правно лице ЈУ Национален парк Пелистер.
Последниот обвинет, како вршител на должноста директор на ЈУ Национален парк Пелистер Битола, од небрежност, со пропуштање на должен надзор очигледно несовесно постапувал при вршење на своите овластувања и должности и не ја обезбедил законитоста и соодветно управување во работењето на Националниот парк Пелистер.
Тој бесправно исечените дрвја и друга дрвна маса за која нема доказ дека е сечена согласно Закон ги продавал во име и за сметка на ЈУ Национален парк Пелистер Битола како техничка дрвна маса на три правни лица, со што обвинетиот прибавил имотна корист на ЈУ Национален парк Пелистер Битола во износ од 1.752.287 денари.