Без јавна дебата и било каков обид за суштинска реформа за подобрување на ефикасноста на институциите, периодов засилено се носат законски измени со кои се ПАРТИЗИРААТ новоформираната Второстепена државна комисија за управни постапки и работни спорови и Комисијата за жалби по јавни набавки, регираат од Левица.
-Во новоформираната Второстепена комисија власта ги ухлебува своите партиски војници, а најочигледен пример е членот во оваа комисија – Маја Бичиклиска, сопруга на поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Александар Бичиклиски. Во оваа комисија свој член добива и коалициониот партнер – ЗНАМ, преку Ана Весова, која е сестра на Андреја Весов, истакнат активист на ЗНАМ и кандидат за пратеник од нивните редови. Членови на Второстепената комисија повторно стануваат и Адриан Мамути и Јусуф Минири, кои претходно беа дел на Комисијата која беше под контрола на СДС и ДУИ. Дали трансферот на овие лица во таборот на Вреди е доволен за ДПМНЕ да ги постави истите членови кои претходно ги критикуваше?! Впрочем, претходната Второстепена комисија, СДС ја користеше само за реваншизам со своите политички неистомисленици. Ваквата груба партизација која ја спроведуваат ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, само покажува дека и новата власт ќе продолжи комисиите да ги користи, исклучиво, за свои партиски цели, наместо да работат за интересот на граѓаните, велат од Левица и додаваат:
-Понатаму, владејачката коалиција, со измени на закон, освен што ќе го менува составот на Комисијата за жалби по јавни набавки, дополнително идните членови на Комисијата повеќе не треба да имаат работно искуство во јавните набавки, туку само посебни познавања од областа, што отвора простор за поставување нестручни и целосно партиско неподобни кадри. Левица го поддржува ставот на Платформата на граѓански организации за борба со корупција, според која – овој начин на менување на легално избрани комисии, претставува упад во системот, се вели во доопштението на Левица.
„Пратениците на владејачките партии, кои во минатото беа најгласни за шверцувањето закони во скратена постапка, продолжуваат по исти терк да ја партизираат Републиката! Тие остануваат глуви на апелите од граѓанскиот сектор, како што беше случајот и со Законот за урбанистичко планирање, и продолжуваат да ги гласаат ваквите законски измени со кои се вршат партиски рокади, додека системот продолжува да тоне во корупција и безидејност, поради што се иселуваат младите. Со ваквите решенија, продолжува праксата на узурпација на системот во корист на партиските и бизнис – интересите на елитата“, реагираат од партијата.