До крајот на годинава нема да се воведе дополнителен час евтина дневна тарифа на електричната енергија. Ова денеска го потврди првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски кој не очекува цената на струјата драстично да се промени по први јануари.
-Ги направивме анализите и добивме интересни податоци, но и доста контрадикторни пред сѐ поради случувањата со цените коишто беа во текот на летото. Услови за воведување на евтина тарифа според податоци за 2021, 2022 и 2023 година немало кога започнала и пенетрацијата на фотоволтаиците, ноона што е јасно како тренд во првите девет месеци од оваа година е дека најниски цени на пазарот во секој час имаме во периодот од 12 до 16 часот, значи тоа се цени на берзата ХУПЕКС под 50 евра за мегават час – изјави денеск Бислимовски.
Според него, постои можност за воведување не за еден, туку за уште еден час евтина дневна тарифа, но на пазарот од 20 часот до 24 часот цените се убедливо високи во споредба со сите останати периоди кога имаме и евтина тарифа и скапа тарифа.
„Доколку би го следеле пазарот тогаш воведување на евтина тарифа би било од 12 до 16 часот, но ќе треба да се укине евтината тарифа што ја имаме од 22 до 24 часот кога имаме реално високи цени. Тоа е значи удар којшто го добивме заради случувањата со цените во регионот“, нагласи тој.
Сепак, Бислимовски вели дека Регулаторна нема да се откаже од воведувањето дополнителна евтина тарифа.
-Ќе ги следиме случувањата, но со воведувањето дополнителна евтина тарифа не сакаме да предизвикаме дополнителни финансиски проблеми пред сѐ во ЕСМ затоа што со таа евтина тарифа, во тие евтини периоди, ќе се зголемува потрошувачката и ќе треба да се надомести. Во изминатите десетина дена одржавме неколку состаноци со ЕСМ и со ЕВН Хоум и од нивна страна нема забелешки и тие се за воведување дополнителна евтина тарифа кога ќе се оствари реална можност да се имплементира дополнителна час на евтина тарифа. Заеднички заклучивме дека ќе ја следиме ситуацијата имајќи предвид дека ќе имаме сериозни навестувања и за зголемување на цените на електрична енергија во Европа започнувајќи од јануари – додаде тој.
-Факт е дека ЕСМ работи со загуби и мора да помине период за да се консолидира и не сакаме со овие одлуки сега уште повеќе да ја влошиме нивната финансиска ситуација. Така што, во оној момент кога ќе се создадат тие услови кога ќе имаме едни порелаксирани услови на пазарите на електрична енергија ќе воведеме дополнителен час или два евтина тарифа во текот на денот – посочи Бислимоски.
Според него, потрошувачите негативно би го прифатиле укинувањето на двата часа евтина тарифа коишто се од 22 до 24 часот, поради навиките кои се воспоставени кај луѓето повеќе од 40 години.
-Не сакаме да предизвикаме никакви проблеми. Тоа што си е од 22 до 24, од 00 до 7 часот наутро и цел ден недела и понатака ќе си остане и сметам дека реално ако ние тие два часа од 22 до 24 ги ставиме во скапа тарифа граѓаните ќе имаат помалку бенефит отколку што го имаат тоа сега во моментов. Затоа до крајот на годината нема да воведеме дополнителна евтина тарифа – дециден е Бислимоски.
Тој посочи дека РКЕ веќе ги добила барањата за цената на електричната енергија по 1 јануари од Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, од МЕПСО за пренос на електрична енергија и од МЕМО за оператор за пазар на електрична енергија.
-Најбитните елементи ќе бидат набавката на загубите на електрична енергија коишто треба да ги направат МЕПСО и Електродистрибуција, тие ќе се направат во наредниот период, така што во овој момент не сакам да шпекулирам и неблагодарно е да кажувам дали ќе се зголеми или ќе се намали цената на електрична енергија. Дополнително ЕВН Хоум треба да распише тендер за набавка на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. На тој тендер треба да видиме колку проценти ќе обезбеди ЕСМ, дали ќе се обезбедува од слободниот пазар, по која цена ќе се понуди, значи тоа се работи на пазарот. Кога ќе ги знаеме резултатите како и секогаш ќе ја информираме јавноста. Сепак, не очекувам какви било драматични шокови – истакна Бислимоски.