При претрес во домот и подрумските простории во сопственост на 48-годишен скопјанец, полициски службеници на 14 октомври пронашле поголемо количество оружје и муниција кои тој ги држел неовластено.
-Во домот на улица „Козјак“ биле пронајдени три пиштоли, рамки, шаржер за пиштол како и околу 1000 куршуми со различен калибар. Освен тоа, осомничениот поседувал две рачни шок бомби и една рачна флеш бомба кои на граѓаните им се забранети. При претресот била откриена и наркотична дрога – хероин во вкупна нето маса од 7,75 грама, како и сива дигитална вага со остатоци од хероин. Врз основа на обезбедените докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи по член 396 став 5 во врска со став 3, како и за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 1 од Кривичниот законик, информираат од ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз постапката и сведоците, како и оправдан страв дека осомничениот би можел да го повтори делото.