Во последните десетина години 40 отсто од високообразовниот и стручен кадар заминува од земјата. Северна Македонија е во топ 20 земји со емиграција на високобразовните и стручни кадри, а на петто место во рамки на Европската унија – истакна денеска државниот ревизор Максим Ацевски пред собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетски прашања.
Ацевски презентираше извадоци од Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија изразувајќи надеж дека барем дел од препораките содржани во него ќе бидат имлементирани со цел намалување на одливот.
ДЗР во извештајот заклучува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска методологија и прибраните ревизорски докази стекнале уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата.
Проценките од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри. За нив државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Се посочува дека одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП.
Дали овие податоци се реални имајќи предвид одредени отстапувања не би можел да кажам, но бројот на високообразовните кадри што заминуваат е висок, рече Ацевски.
Според извештајот, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образованието во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.
Нема стратешки документ за проблемот на одлив на мозоци
По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година не е усвоен нов стратешки документ кој го опфаќа проблемот поврзан со одлив на мозоци односно сеопфатна стратегија за економската миграција, со мерки и активности поврзани со намалувањето на одливот на високообразован кадар, со што би се намалиле и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност. Се констатира дека мерките од Стратегијата не се целосно имплементирани.
Ацевски истакна дека државата не успеала да формира единствена база на податоци за да има бројка на одлив на високообразовани и стручни кадри. Како пример посочува дека во 2023 /2024 имало околу 23.000 слободни места за упис на државните универзитети, а се запишале само 10.000. Според државниот ревизор, недостасува и точен мониторинг и колку реално студенти можат да запишат универзитетите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека бројката што се презентира е поразителна, потенцирајќи дека за задржување на кадарот во земјата е потребен мултиресорки пристап така што таа може да зборува само за образованието.
– Добро е што државата имала Стратегија за спречување на одливот на мозоци, но за жал, не го постигнала ефектот кој бил предвиден при креирањето. Нема да се навраќаме назад и да бараме виновници. Како нова Влада преку мултиресорски пристап ќе се фокусираме на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалиме заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар, рече Јаневска.
Посочи дека со универзитетите веќе се разговара за промени со цел поквалитетен образовен систем, осовременување на студиските програми за да бидат интересни за младите, но и усогласување со потребите на пазарот на трудот.
– Затоа ќе ги ревидираме квотите за упис на факултетите, врз основа на реална анализа на состојбите во општеството и утврдување на тоа што ни недостига, рече Јаневска.
Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија. Зборувајќи за шангајските стипендии, министерката кажа дека очигледно е потребно реобмислување на начинот на кој тие се даваат и на начинот кој студентите треба да возвратат.
– Веќе се консултираме со повеќе студенти кои имаат искористено ваков тип на стипендија. Имаат интересни идеи кои ги размислуваме во моментов. Најчесто нотираат потреба за поголемо поврзување со компаниите во Македонија, бидејќи администрацијата нуди ограничени можности“, рече Јаневска, додавајќи дека Министерството прави дигитален регистар за евиденција на сите стипендисти, заради полесно лоцирање, вмрежување…
Младите, како што посочи Јаневска, треба да добијат повеќе можности за учество и развој во науката и затоа се планираат повеќе пари и враќање на финансирањето на научно – истражувачките проекти со апликативни цели, како и нивно вклучување во наставно – научните тимови во рамки на образовните установи каде недостига персонал.
Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука.
– Ценам дека обврска е не само на институциите на системот, туку и на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор и на секој општествен чинител кој може да помогне, да даде придонес во справувањето со предизвикот како да ги задржиме младите во Македонија и да им овозможиме добра иднина тука, додаде Јаневска.
Според пратеникот од СДСМ и поранешен пратеник Димитар Ковачевски, треба да се посочат мерки, но и да се каже колку и во што треба да се вложи за да се задржат младите во земјата.
Осврнувајќи се на еден од примерите за тоа колку е вложено за обука на млади лица во хабовите за отворање стартапи, Ковачевски праша каков бил ефектот од нив бидејќи нема отворена компанија. Посочи дека за отворање компании е потребен пазар, а ние сме мал пазар од само милион луѓе.
Пратеникот Бојан Стојановски и претседател на Комисијата смета дека не може повеќе да се бега од темата и да се прават стратегии без ефект, туку дека треба мултисекторски да се работи на намалување на трендот на иселување, којшто е глобален.
-Темата да влезе во институциите каде што се носат одлуки. Во овој дел е опфатено само образованието, треба да се вклучат и другите институции, министерството за труд, финансии…потребен е систем на мерки, рече Стојановски.
МИА