На пазарот има појава на пласирање производи како нови, а со цел да се избегне мерката за производи што се поевтинуваат и затоа апелираме до трговците тоа да не го прават.
Ова денеска го изјави претседателката на Организација на потрошувачите на Македонија, Маријана Лончар Велкова нагласувајќи дека сите мерки што ги презема Државниот пазарен инспекторат се одлични, но граѓаните треба да пријавуваат доколку забележат аномалии.
„Алармиравме дека ќе има големо покачување на цените, посебно тогаш кога се укина одлуката за гарантирана цена и тогаш трговците ги вивнаа цените. Ние укажувавме дека пред донесување и стапување во сила на законот за фер трговски практики кој се однесува на трговци и добавувачи, односно посочивме дека се додека 2500 производи не поевтинат одлуката да не се отстранува, но ја тргнаа и гледаме сега што се’ се случува“, изјави Лончар Велкова.
Повикувајќи се на информации од Државниот пазарен инепекторат таа рече дека секојдневно на терен се наоѓаат производи на кои грамажата е променета, а со намалување на грамажата на производите тие уште повеќе поскапуваат.
„Има производи од 900 грама а треба да се еден килограм. Сите мерки што ги презема Државниот пазарен инспекторат се одлични, но граѓаните треба да пријавуваат доколку забележат аномалии. Претпоставуваме дека пријавите одат директно до ДПИ бидејќи имаат доверба и дека веднаш излегуваат на терен бидејќи се екипирани за брзи мерки, казни и времени мерки“, заклучи Лончар Велкова