Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој денес загина во сообраќајна несреќа. Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп. Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги,се вели во соопштението од приватната болница „Плодност“ .
„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност, информираат од болницата.
Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги.