Оваа недела се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од владината одлука за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи. Цените на 73 прехранбени производи кои се дел од есенската потрошувачка кошница треба да бидат пониски до 31 октомври.
Од Министерството за економија велат дека одлуката ќе почне да се применува веќе следниот ден откако владината одлука ќе излезе во Службен весник.
Производите вклучени во есенската кошница на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индексот на трошоци за живот, кои покажуваат дека во август годинава во однос на декември лани евидентирано е зголемување на трошоците за храна за четири проценти.
При крај на месецов треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој, надлежните очекуваат дека ќе има исто така намалување на цените.
– На крајот на месецов ќе стапи во сила Законот за нефер трговски практики, добавувачите и купувачите ќе се усогласат во однос на рабатот и дополнителните трошоци, значи ќе се ограничи маржата за 10 проценти кај овие добавувачи и купувачи, со цел цената на 2458 производи што ќе ги опфаќа таа листа да бидат на крај намалени за граѓаните, рече Дурмиши во петокот на прес-конференција.
Покрај есенската кошничка, од Владата најавуваат дека ќе има и божиќна, рамазанска и велигденска кошница со ограничено време на траење пред и за време на празниците кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните