Прелиминарната истрага на либанските власти за комуникациските уреди коишто експлодираа во Либан оваа седмица откри дека на нив биле поставени експлозиви пред да стигнат во земјата, се вели во писмото испратено до Советот за безбедност при Обединетите нации од мисијата на Либан во светската организација.
Либанските власти, исто така, така утврдиле дека уредите за комуникации, пејџери и воки-токи, биле активирани со испраќање електронски пораки до уредите, се вели во писмото во коешто увид имал Reuters. Израел е одговорен за планирање и извршување на нападот, соопштува либанската мисија во ОН.
Денеска треба да се состане 15-члениот Совет за безбедност на ОН поради експлозиите ширум Либан. Во нападите врз комуникациската опрема на Хезболах во вторникот и средата загинаа 37 лица, а беа ранети околу 3.000.
Израел директно не ги коментираше нападите, за кои безбедносни извори велат дека најверојатно биле извршени од неговата шпионска агенција Мосад, која има долга историја на извршување софистицирани напади на странска почва.
Дел од ефективноста на нападот произлегува од неговата необична природа – комуникациските уреди кои ги користел Хезболах а се претворени во смртоносно оружје. Аналитичарите велат дека експлозиви најверојатно биле поставени во пејџерите пред да бидат доставени до Хезболах. Првичните наоди на либанската истрага покажаа дека пејџерите биле стапица, изјави претставник на безбедноста.
„Наодите покажуваат дека уредите биле однапред програмирани да активираат и содржеле експлозивни материјали поставени до батеријата“, изјавил во четвртокот за AFP либански функционер, барајќи анонимност за да разговара за чувствителните работи.
Извор близок до Хезболах, кој, исто такам сакал да остане анонимен, рекол дека пејџерите биле „неодамна увезени“ и се чини дека биле „саботирани уште од изворот“.
Откако американскиот дневен весник The New York Times објави дека пејџерите коишто експлодираа во средата биле нарачани од тајванскиот производител „Gold Apollo“, компанијата соопшти дека тие наводно се произведени од нивниот унгарски партнер „BAC Consulting KFT“.
Меѓутоа, владиниот портпарол во Будимпешта рече дека компанијата е „комерцијален посредник, без производствени или оперативни простории во Унгарија“.