Девет лица загинаа, а околу 2.750 се повредени во сомнителни координирани експлозии на пејџери низ Либан, изјави министерот за здравство Фирас Абијад на прес-конференција во Бејрут.
Абијад рече дека меѓу загинатите има едно дете.
Од експлозиите на пејџери во бројни либански региони околу 200 луѓе се во критична состојба, рече тој.
Повеќето од жртвите се здобиле со повреди на раката, додека некои се повредени и во лицето, стомакот и очите, информира министерот.
Либанската милиција Хезболах, поддржана од Иран, соопшти дека меѓу повредените има и нејзини членови, вклучително и борци на силите Радван, елитна единица во рамките на групата. Извор близок до Хезболах рече дека се повредени и високи претставници на Хезболах.
Групата соопшти дека ја истражува причината за детонациите.
ДПА пренесе дека циркулираат непотврдени извештаи дека Израел ги гаѓал комуникациските уреди што ги користел Хезболах и оти стои зад детонациите.
Израелската армија првично не ги коментираше настаните во Либан.
Амбасадорот на Иран во Либан, Моџтаба Амани, исто така, наводно бил повреден во експлозија на пејџер.
Детонациите се случија во јужните предградија на Бејрут, упориште на Хезболах, како и во јужниот дел на земјата. Слични извештаи дојдоа и од соседна Сирија.