Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со реакциите на дел од поранешниот состав на Историската комисија со Бугарија, денеска изјави дека ќе се спроведе истрага колкави хонорари се исплаќале и како се трошеле парите во Комисијата.
Двајца поранешни членови на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, денеска преку отворено писмо до јавноста, повикаа на промена на методологијата во работата и вклучување експерти од ОБСЕ, УНЕСКО или Советот на Европа.
– Нека се вклучат експерти, ние сме за да се вклучат за да се најде решение. Е сега, дали овие политички флоскули од страна на поранешните членови на Историската комисија треба да се коментираат повеќе и да им се посветува внимание не мислам. Потрошени се стотици илјади народни пари и евра за ништо, за нешто кое што резултираше со капитулација прифаќајќи го тоа што го прифатија двоецот Ковачевски и Османи. Од прилика тоа е суштината кое што оваа Комисија ја сработи и потроши неколку стотици илјади евра народни пари – изјави Мицкоски.
Тој обвини дека членовите на старата комисија носеле погрешни одлуки и сега не е прашање дали ќе се вклучи ОБСЕ.
„Нека се вклучи, ама ќе се вклучат сега малку и инспекциските и истражните органи да видиме каде се трошеа парите, колкави се хонорарите на овие коишто направиле ништо изминативе години, односно го засрамија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси“, нагласи Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање што очекува од утрешната посета на македонската делегација на Софија, предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и тука немаме никаква дилема.
-Ќе продолжиме да градиме добрососедски односи. Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, своето не го даваме, а градењето добрососедски односи е европска вредност и треба така да продолжиме. На работна посета кај мене беше претседателот на Владата на Косово, Албин Курти, во периодот којшто следи договараме и со премиерот на Албанија Рама посета дали во Тирана или во Скопје, договараме со премиерот на Република Србија Вучевиќ посета во Скопје, претпоставувам во периодот којшто следи ќе има слични такви посети и со Мицотакис и со премиерот на Бугарија. Ние се видовме на самитот на НАТО во САД. Нашата цел е да градиме добрососедски односи и така и ќе продолжиме. Имаме наши позиции по однос на нашите интереси. Ние ќе се бориме за нашите интереси како држава и тоа е тука, не треба ништо да биде чудно, кажа Мицкоски.
Во врска со средбата со новиот евроамбасадор и дали разговарале за пасивизирање на евроинтегративниот процес, Мицкоски повтори дека интеграцијата на земјава во ЕУ останува стратешка цел.
-Направивме една ретроспектива што се случуваше изминативе би рекол повеќе од две и пол децении откако почна сето ова со потпишувањето на Договорoт за стабилизација и асоцијација. Направивме ретроспектива за да не се заборави што се направија македонските граѓани во име на тие европски вредности. Се согласивме дека да имаме ние многу внатрешни проблеми коишто ќе треба да ги решаваме, но кој нема? Сите земји во светот имаат многу внатрешни проблеми. Што се однесува до отстапките коишто ги направивме во име на таа европска перспектива мислам дека ниту еден народ во Европа нема направено ниту приближно нешто такво и дека заслужуваме безусловно да ги почнеме преговорите, рече Мицкоски.