Десет електрични автобуси, секој со капацитет до 55 патници на шест возни линии секој ден и уште една – седма само во недела, од денеска се во сообраќај во превоз на патници во Струмица и населените меса.
На денешната свеченост, на Денот на ослободувањето на Струмица, беше означен почетокот на функционирањето на јавниот превоз. Со ова почна пробното возење, кое ќе биде и бесплатно во текот на септември. Набавката на автобусите е од турската компанија Анадолија Исузу, чиј претставник кажа дека се возила кои не само што не загадуваат туку внесуваат одржлив и економичен транспорт.
-Автобусите можеби ви изгледаат мали, но собираат до 55 патници. Имаат УСБ полначи и други технолошки опции. Ви благодарам и многу сме горди на целосно еколошкиот и одржлив транспорт, рече Мурат Дедеоглу, меѓународен директор за продажба на Анадолу Исузу.
Автобусите се со должина од 8,5 метри се прилагодени на теренот на Струмица и регионот – се релативно ниски, погодни за качување на патниците и адекватни на рамничарскиот предел.
Очекувањата се дека електричните автобуси ќе придонесат за намалување на загадување, кое ги мачи струмичани последните години. Проценките се дека еден автобус заменува 50 автомобили, кои циркулираат низ градот. Ова е добра причина, како што рече градоначалникот Костадин Костадинов, жителите на Струмица и населените места да се свртат кон јавниот превоз.
-Со воведувањето на овие електрични автобуси ја подобруваме поврзаноста на Струмица, овозможуваме на сите струмичани да се движат полесно, поекономично и без да причинат загадување. Да го намалиме оптоварувањето на улиците и да ги минимизираме штетните емисии од возилата. Екологијата не е само приорите, туку и неопходност за иднината што сакаме сите ние да ја создаваме. Со инвестирањето во еколошките автобуси, активно придонесуваме за заучување на природните убавини и за подобрување на квалитетот на воздухот за сите, рече градоначалникот Костадин Костадинов.
Со набавката на електричните автобуси, Струмица не само станува првиот град на Балканот со целосно електрифициран јавен превоз, туку со ова придонесува кон глобалните напори за борба против климатските промени.
Првичните најави од директорот на ЈП Струмица транспорт, Драги Поп Стојанов е дека ќе наплаќа по 30 денари за прва зона – град Струмица и 60 денари за втората зона и приградска зона. Во приградската зона има исто така две зони – едната е 30 денари доколку патникот се движи во населените места, додека доколку оди од населените места во Струмица, цената е 60 денари.
Граѓаните може да ја користат апликацијата за јавниот превоз, која може да се симне и со скенирање на код. Во апликацијата се сите информации за возните линии и стојалиштата, има и брошура. Означени се стојалиштата, а денеска се добиени и сообраќајните одобренија.
Како што веќе информиравме, автобусите се набавени со финансиски лизинг.
В.К.