Привремено се затвори главниот влез на Клиничката болница во Штип и пациентите и сите кои ќе влегуваат во болницата се пренасочуваат да го користат задниот влез, познат како Стара капија. Причината се асфалтирањето на кружниот тек, на само неколку стотина метри под главниот влез.
Од Клиничката болница информираат дека пренасочувањето е побарано од Општината Штип, која е инвеститор на кружниот тек. Поради тоа, препораката е и до сите здравствени институции и пациенти кои доаѓаат од градовите и населените место од источниот регион, да се насочат кон задниот влез.
Задниот влез на болницата одамна е напуштен поради тоа што кон него водат тесни и неретко еднонасочни улици, кои се пренатрупани со паркирани возила. Новиот режим сосема сигурно, ќе им создаде главоболки и на жителите, но и на стотиците возила и пешаци кои ги користат овие сообраќајници.
Засега нема информација до кога ќе биде во сила привремениот режим на сообраќај кон болницата.