Случајно или не, дваесет дена по потпишувањето на договорот за заем од една милијарда евра на унгарската влада со три кинески банки, македонскиот премиер Христијан Мицкоски објави дека македонската држава ќе позајми половина милијарда од Унгарија, пишуваат унгарските медиуми.
„Првичните информации беа дека позајмицата ќе изнесува една милијарда евра, колку што е и унгарскиот кредит од Кина, а Мицкоски ги пласираше на 9 мај или дваесет дена откако Унгарија го зела кредитот од Кина“, пишува унгарски Телекс.
Во Унгарија кредитот од една милијарда евра од Кина веќе е на сметката на унгарската влада на 19 април. Тоа е најголем поединечен заем во историјата на Унгарија, во услови кога јавниот долг на оваа земја е на рекордно високо ниво од 140 милијарди евра (73,5 отсто од БДП), а буџетскиот дефицит е 6,7 отсто од БДП. Во текстот на унгарскиот финансиски магазин Портфолио се наведува дека кредитот е земен од Кинеската банка за развој , кинеската Ексимбанк и унгарската филијала на Банката на Кина . „Будимпешта има очајна потреба од готовина, а рокот за враќање веќе тече и Владата на Орбан мора да го отплатати огромниот кинески заем до 19 април 2027 година“, пишува Телекс.
Македонскиот премер Христијан Мицкоски, информираше дека заемот од Унгарија е 500 милиони евра со камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години за враќање.
По овие најави, унгарските медиуми објавија и вакви наслови: „Виктор Орбан му помага на криминалецот Никола Груевски со попуст на кредит“. Текстот потсетува дека „ВМРО е македонски сојузник на Фидес (партијата на Виктор Орбан), нивен премиер десет години беше Никола Груевски, кој во 2018 година поради постапката против него беше евакуиран од земјава со унгарски дипломатски автомобили. Оттогаш Груевски живее како бегалец во Унгарија . Тој беше осуден на девет години затвор во отсуство, но унгарската влада сега рутински одбива да го екстрадира. Арпад Хабони во последните години имаше и медиумски инвестиции блиски до ВМРО во Македонија, а се сомнева дека тие придонеле за финансиската база на десничарската партија со рекламни трошоци насочени од Унгарија“.
Овој кредитен пласман (додека Унгарија позајмува заем од една милијарда евра од Кина) најдобро може да се класифицира како една од политичките инвестиции на унгарската влада, со која се обидува да го зајакне своето влијание во регионот и нејзиниот федерален систем. Во минатото, главни корисници на ова беа Србинот Вучиќ, Босанскиот Србин Додик и Словенецот Јанша, но по промената на власта во Македонија, ВМРО може да биде уште поблиску до унгарската владејачка партија, се додава во анализата на унгарските медиуми.
Најдобар одговор што го поставуваат унгарските медиуми зошто Унгарија позајмува од Кина, а потоа дава заем на Македонија дава министерот за финансии на Унгарија, Михали Варга.
„Една од најбрзо растечките области на унгарско-кинеските односи е финансиската соработка, Унгарија е мост за влез на кинеските финансиски институции на европскиот финансиски пазар“, изјави Михали Варга, според соопштението за печатот од Министерството за финансии, по средбата со шефовите на Банката на Кина, Кинеската градежна банка и Кинеската банка за развој разговараа во Пекинг.
Министерот за финансии нагласи дека кинеските финансиски институции и веруваат на унгарската економија, а во последните години неколку кинески банки ја избраа Унгарија како локација на своето работење. Работењето на Банката на Кина, Кинеската градежна банка и Кинеската банка за развој во Унгарија се добар пример за тоа. Кинеските финансиски институции гледаат на Унгарија како на европски мост, објави унгарски Инфостарт.
Дел од медиумите сепак потсетуваат Унгарија веќе се позиционира како регионален финансиски центар на Кина во регионот.
„Банката на Кина е најстарата кинеска банка која работи во Унгарија, со свое претставништво во Будимпешта отворено во 1997 година, додека China Construction Bank, која работи како втора по големина кредитна институција во светот, има претставништво во Унгарија од 2022 година. Унгарија сега стана дестинација број еден за кинеските инвеститори во Централна и Источна Европа, што придонесува Унгарија да стане регионален финансиски центар, а со тоа дополнително да се зајакне улогата на економски мост“, пишуваат унгарските медиуми.
Со кинески пари, се градат неколку инфраструктурни проекти, меѓу кои железничката линија Будимпешта-Белград, која се очекува да биде завршена до следното лето, а реконструкцијата на унгарско-српскиот граничен премин би можеле да бидат следната стратешка инвестиција и нафтоводот кој ќе минува низ Србија.
Сепак, како што потсетува 24.hu, треба да се има на ум искуството на Црна Гора со кинеските кредити. Црна Гора требаше да започне со отплата на заемот веќе во јули годинава, но тоа предизвикува сериозни проблеми за земјата, каде јавниот долг веќе изнесува повеќе од сто проценти од БДП.
Во исто време во нивен интерес е да можат да го вратат кредитот. Според зборовите на актуелниот вицепремиер Дритан Абазовиќ, претходната влада со „неверојатно лоша одлука“ склучила „страшен“ договор со Кина кој бил против интересите на земјата. Договорот што го виде НПР откри дека ако Црна Гора не може навреме да го отплати заемот на Ексимбанк, кинеската државна финансиска институција може да заплени земјиште во земјата за возврат, со единствена одредба дека тоа не може да биде за воени или дипломатски цели. Проблем е и тоа што претходната црногорска влада се согласила кинескиот суд под контрола на кинеската држава да го има последниот збор во сите спорови поврзани со договорот, пишува 24.hu.