Дебитантот во македонската фудбалска репрезентација, Кристијан Трапановски со оптимизам го чека воведниот дуел во Лигата на нации против Фарски острови на гостински терен в сабота.
„Целта е јасна, да освоиме што повеќе бодови и ако ни се укажа можност да победиме на сите средби. Фаворити сме, но веќе нема лесни противници во фудбалот и затоа мораме да сме внимателни и да дадеме сè од себе на секој натпревар. Верувам дека нашата репрезентација има поголем квалитет од Фарските Острови. Се надевам дека теренот и времето нема да прават проблеми и ако ние играме како што знаеме, ќе немаме проблем и ќе ги освоиме трите бода“, изјави претпладнево Трапановски.
Напаѓачот на Данди јунајтед истакна дека во репрезентацијата владее одлична атмосфера.
„Задоволство ми е што сум дел од националниот тим на Македонија. Се надевам дека ќе ја искористам оваа шанса и ќе ги покажам моите квалитети. Групата ме пречека одлично и се како долго време да сум тука иако за прв пат сум тука“, додаде Трапановски.
Македонската репрезентација од понеделникот се подготвува во Скопје за дуелот во Торшавн, по што на 10 овој месец во Скопје ќе ја пречека Ерменија.