Деветмесечно бебе се здобило со изгореници при бизарен напад во парк во Бризбејн, Австралија. Неговата мајка за медиумите изјавила дека се соочува со панични напади додека полицијата сѐ уште трага по напаѓачот. Бебето досега имало две операции откако добило изгореници по лицето, но и по телото во овој трауматичен инцидент.
Родителите биле сведоци на првите чекори на својот син само неколку часа пред да биде нападнат за време на пикник во паркот.
Мајката јавно апелираше да се најде напаѓачот кој без никаков повод и причина истурил врело кафе врз бебето. Тој, и покрај интензивните напори на полицијата, се уште не е идентификуван, но надлежните и семејството се надеваат дека некој ќе ја препознае личноста од фотографиите и видео снимките од надзорните камери кои веќе се објавени. Напаѓачот е опишан како маж на возраст од околу 30 или 40 години, кој во моментот на нападот носел кошула, очила, шорцеви и црна капа.
Бебето се опоравува во болница, а неговата состојба е стабилна. Сепак, него го очекуваат уште операции, а семејството е благодарно поради големиот одзив на јавноста во однос на кампањата која отпочна со цел да се соберат средства за лекувањето.
Извор: sd.rs