Изборот за песна на Евровизија ќе се одржи следната година во Базел – град во Швајцарија што е блиску до границата со Германија и Франција, одлучија во петокот организаторите – Швајцарската радиодифузна корпорација (СРГ) и Европската радиодифузна унија (ЕБУ).
Градот ја победи Женева како домаќин на популарниот музички натпревар, а се пријави со мотото „Надминување на границите“.
Германскиот пограничен регион, исто така, планира да има корист од популарниот натпревар во пеење – и градоначалникот на градот Лорах, што се наоѓа на помалку од 10 километри од Базел, ревносно се залагаше градот победник да биде избран наместо Женева.
Во Базел цените на хотелите веќе растат на неколку стотици евра од ноќ – и тоа уште пред објавувањето на победникот.
Мартин Остендал, извршен супервизор на Евровизија, вели дека ЕБУ е „воодушевена“ што Базел е избран за домаќин на следниот настан.
„Натпреварот е роден во Лугано во 1956 година и прекрасно е да се врати во својата земја речиси 70 години подоцна“, рече Остендал, додавајќи дека стратешката позиција на Базел го прави идеален домаќин на Евровизија.
„По натпреварите што се одржаа во италијанското и француското говорно подрачје во земјата – во 1956 и 1989 година – возбудени сме што за прв пат ќе ја донесеме Евровизија во германскиот дел на Швајцарија“, додаде тој.
Швајцарија ја освои третата победа на овогодинешниот натпревар во Малме благодарение на Немо и песната „The Code“.