Шведската поп група АББА денеска побара од поранешниот американски претседател Доналд Трамп да престане да ја користи нивната музика на предизборните митинзи.
„Откривме дека се објавени видеоснимки на кои (нивната) музика се користи на настаните на Трамп и побаравме таквата употреба веднаш да прекине“, соопшти издавачката куќа на групата за шведскиот весник „Свенска дагбладет“, пренесува „Политико“.
На митингот на Трамп во Минесота, каде што живеат најмногу Амеерикнаци со шведско потекло, биле пуштени хитовите на АББА како што се „The Winner Takes It All“ и „Money, Money, Money“, но шведските уметници не се единствените кои не сакаат републиканскиот кандидат да ја користи нивната музика.
Пејачката Селин Дион ја осуди употребата на „My Heart Will Go On“ претходно овој месец, а рок групата „Фу Фајтерс“ рече дека нема да му дозволат на Трамп да ја свири нивната песна на митингот во Аризона, додавајќи дека ќе ги донираат сите хонорари од неодобреното користење на нивната песна за кампањата на демократската кандидатка Камала Харис.
Тимот на Трамп го избриша видеото на кое се гледа како претседателскиот кандидат излегува од авион со песната „Freedom“ на Бијонсе.
Нејзините претставници ја критикуваа употребата на песната, која потоа Камала Харис ја користеше како клучен дел од својата кампања.