Минатата година беше тешка и за граѓаните и за компаниите. Инфлацијата во 2023 година во однос на 2022 година достигна 9,3 насто. Граѓаните можеби се откажаа од многу работи, но основната прехранбена кошница, помалку или повеќе, се полнеше.
Анализата што ја направи порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа покажува дека десетте најголеми наши млечни производители направиле промет од 134 милиони евра! Притоа, најуспешна во тој поглед била битолската Млекара, со промет од над 43 милиони евра. Но, треба да се земе предвид дека не е целото производство од нашата млечна индустрија наменето за домашниот пазар и дека дел се извезува.
Македонија може да се пофали со силна млечна индустрија, вклучувајќи го и производството на сладолед. Па, токму битолски Цермат, со добивка од речиси 3 милиони евра, е на врвот на најпрофитните компании. Сепак, чесно е да се каже дека иако е носител на иста шифра на дејност како и другите анализирани фирми, компанијата има и богата палета на замрзнато овошје, од која, секако, прави добар промет.
Центар на млечната индустрија е градот Битола. Според приход, четири компании од Битола се меѓу топ 10 бизнис-лидери во категоријата производство на млечни производи. По бројност на позиционирани фирми следува Скопје.
МЛЕКАРА БИТОЛА СО НАЈГОЛЕМ ПРОМЕТ
Битолската Млекара не прави сирење и кашкавал, но од млекото направила најголем приход – 43,3 милиони евра. Веднаш зад неа е Цермат, со приход од 19,2 милиони евра. Во првата тројка компании за производство на млечни производи коишто оствариле најголем промет спаѓа и кумановската Бучен Козјак, и со своето производство на јогурт, кисело млеко, кашкавали, сирења и урда, лани остварила приход од речиси 14 милиони евра. Меѓу првите пет компании со најголеми приходи повторно е битолска компанија. Лацталис направила промет од 10,9 милиони евра минатата година. Последна компанија од првата десетка е скопската Евро млекарница, каде што приходот во 2023 година изнесувал 5,3 милиони евра.
КАКО ЗАРАБОТУВААТ?
Компанијата којашто се наоѓа на пиедесталот и е неприкосновена според остварениот профит минатата година е Цермат ‒ Битола. Овој производител, главно на сладолед, во својата палета на производи има и замрзнато овошје, па лани остварил добивка од 2,9 милиони евра, со скок од 48,3 насто во споредба со 2022 година. На второ место е Бучен Козјак ‒ Куманово, со добивка значително помала од Цермат – 1,39 милиони евра, и раст за 28,5 насто. Меѓу најпрофитните компании е и Млекара ‒ Битола, со добивка од 1,34 милиони евра.
Од податоците може да се заклучи дека на последно, десетто место по профит е компанијата Ѓоргеви од село Гарван, Конче со добивка од 247 илјади евра, драстично помала од прворангираната Цермат.
КОЛКУ ВРАБОТЕНИ БРОЈАТ ОВИЕ ФИРМИ?
Во овие компании заработуваат вкупно 1.057 вработени. Од нив, 233 се работно ангажирани во млекарницата со најголем промет – Млекара Битола. Во Цермат работат 133, а во млекарницата Здравје ‒ Радово вработени се 119 луѓе. Бучен Козјак и Трница имаат по 110 и 109 вработени, соодветно. Другите фирми бројат помалку од 90 вработени.
Македонската млечна индустрија е многу комплексна и се соочува со многу предизвици. Успехот зависи од многу фактори, меѓу кои следење на светските трендови и прилагодување кон потребите на потрошувачите, обезбедувајќи им млечни производи со одличен вкус и врвен квалитет. Со фокусирање кон развој, унапредување на производството и стимулирање на млекопроизводителите, како и освојување нови пазари, оваа индустрија има услови за дополнителен раст и развој.
Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска