Водата во демиркапиското село Дрен не е за пиење, покажаа анализите од ЦЈЗ, информираа попладнево од јавното комунално претпријатие „Бошава“ од Демир Капија.
– Известуваме дека водата од водоводот во Демир Капија е исправна за пиење по добиените две последователни анализи добиени од Центарот за јавно здравје – Скопје, додека водата во село Дрен и понатаму не е за пиење, известија од комуналното претпријатие.
На деветти овој месец, оттаму информираа дека водата од водоводите на Демир Капија и Дрен не е за пиење, од комуналното претпријатие тогаш нагласија дека постапуваат по насоките на Центарот за јавно здравје.
– Дадовме известување до населението, по добиените анализи земени од Центарот за јавно здравје – Скопје. Центарот редовно зема за анализа по четири мостри. Од нив, две од градскиот водовод на Демир Капија. Анализата од едниот примерок не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри, за бактериолошка анализа. Вториот примерок, одговара на правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење, појаснија тогаш во изјава за МИА.
Другите две мостри, како што појаснија тогаш, биле од селата Дрен и Прждево.
– Анализата од Дрен не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка анализа. Според анализата од Прждево, водата одговара на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри, додадоа од претпријатието, на деветти август.
Тогаш нагласија дека по насоките на Центарот за јавно здравје, работат на тоа да ја доведат водата во исправна состојба и дека населението ќе биде навреме известено по првите примероци за исправност на водата.