Започнати се консултации за повеќе амбасадорски места, за што ќе информираме во периодот што следи – изјави денеска изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали се започнати консултациите за нов амбасадор во Обединетите нации по оставката на амбасадорот и постојаниот претставник Љубомир Фрчкоски.
Во однос на актуелната дипломатска мрежа на земјава, Мицкоски рече дека има причина за незадоволството на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Кај нашиот стратешки партнер САД, во Амбасадата, имаме две вработени лица, а во Мисијата на ОБСЕ од две, имаме 12. Ако сме стратешки партнер со САД треба така и да се однесуваме. Не само да мавтаме со знамето, треба и со дела да покажеме дека навистина сме стратешки партнер“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Според Мицкоски, некој ја приватизирал и партизирал таа институција и сега веќе, како што нагласи „полека, но сигурно се ослободува“.
– Септември доаѓа, многу работи ќе излезат на виделина, изјави Мицкоски.
Премиерот, исто така, најави промени и во Мешовитата комисија.
– Мислам дека ќе има кадровски промени таму многу скоро. Периодов што следи, мислам овој месец или почетокот на септември – изјави Мицкоски.
Како што и претходно објавивме, амбасадорот во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски поднесе оставка од функцијата на која дојде во 2022 година.
Неодамна, Фрчкоски беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но како што изјави министерот Тимчо Муцунски, до разговорот сѐ уште не дошло поради здравствени причини на амбасадорот.