Работат без да бидат пријавени, а тоа ги спречува да планираат семејство, да подигнат кредит или купат стан. Сивата економија го голта достоинството на работниците кои сѐ повеќе ја напуштаат државата, градејќи ги потоа туѓите економии.
Податоците на Сојузот на синдикати говорат дека околу 70.000 работници работат во неформалната економија без да им бидат платени придонесите од задолжителното социјално осигурување што е над 11 отсто од вкупното работно население. Синдикалците обвинуваат дека ниедна влада досега не се заложила сериозно за ваквиот проблем, а на адреса на институциите критики стигнуваат и од бизнис секторот. Јавноста веќе навикна да ги гледа работодавачите и работниците во костец во многу ситуации, но се чини обединети се во ставот дека државата не прави доволно за сузбивање на овој проблем кој ја става на тест кревкоста на македонското општество.
Како сивата економија ги крши работничките права, додека истовремено ги одвраќа бизнисмените од идејата за нови инвестиции? Одговорите ги побаравме од најзасегнатите – претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и првиот човек на ССК, Трајан Ангелоски.
Околу 40 проценти од економијата се нерегулирани
Трендафилов вели дека сивата економија е еден од најголемите проблеми во македонското општество, но државата не се бори доволно против неа, иако тоа директно би значело повеќе пари за повисоки плати, но и пензии, како и за низа инвестиции за развој на државата.
-Мислам дека на сите треба да им ѕвони во главата дека сивата економија „тежи“ 250 милиони евра на годишно ниво, а тоа е навистина сериозен проблем за буџетот и за редовното функционирање – истакнува лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија, Трендафилов за ММС.
Според него, сивата економија е најзастапена во секторите градежништво, угостителство и туризам особено во летниот период.
„Таму процентот на вработени кои работат на црно е огромен. Мислам дека во градежништвото негде околу 50 проценти од вкупниот број на вработени во секторот работат на црно и тоа навистина е проблем не само од аспект на плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување туку овие работници немаат апсолутно никаква заштита во поглед на безбедност и здравје при работа. Додека пак во угостителството и во туризмот во екот на туристичката сезона најмногу се злоупотребуваат работниците кои работат за некаква дневница без да им бидат платени придонеси и без да биде регулиран работниот однос“, додава Трендафилов.
Претседателот на Сојузот на стопански комори, Ангелоски сепак вели дека оваа состојба е застапена скоро во сите сектори.
„Конкретно, мислам дека е тешко некој да може да каже во кој сектор е тоа најизразено. Едноставно, треба да се влезе кон регулирање на овие прашања и полека да се среди состојбата“, изјави тој за ММС.
Ангелоски потсетува на студијата на Светска банка според која, скоро четириесетина проценти од севкупната економија се нерегулирани.
„Дваесетина проценти се сива економија, а уште дваесет се црна. Дефинитивно на секоја здрава економија ѝ треба регулиран пазар, можност каде што оние компании кои работат во регулираниот дел и кои навистина коректно ги извршуваат своите обврски би добиле фер шанса за да можат адекватно да работат. Очекуваме дека ова ќе е континуирана борба на институциите. За жал, досега се случува да оди во одредени периоди“, смета Ангелоски.
Одговорноста за состојбата во која се наоѓа овој дел од економијата, тој ја лоцира единствено во институциите:
„Оваа борба во одредени периоди е поинтензивна, во одредени периоди се намалува учинокот на официјалните државни институции, а сето ова е последица на немањето адекватни механизми и мерки, особено на тема дигитализација за одредени процеси за финансиско работење“.
На годишно ниво во Македонија вкупно 33,2 отсто од бруто домашниот производ годишно отпаѓаат на сивата економија. Ова го покажа ланската анализа на Стопанската комора, од каде истакнаа дека процентот е на исто ниво со земјите од Западен Балкан, но е речиси двојно повисок од просекот на земјите членки на Европската унија, кој изнесува 19, 4 отсто од Бруто домашниот производ.
Сивата економија – изговор за отсуство на реформи
Извесно е дека таа не може да исчезне преку ноќ, но како што велат познавачите, може постепено да се намали.
„Нема земја без сива економија. На прсти се бројат државите каде таа е под 10%. Дури и најразвиените економии во Европа имаат сива економија од 15-20%. Во Белгија, на пример, таа е преку 20%“, потенцира за ММС, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.
Метафорички тој објаснува дека сивата економија во Македонија е како митско суштество. Тој вели сите зборуваат за неа, а никој не знае како таа изгледа.
„Во економската литература таа се дефинира како активност која не е регистрирана во системот и за која не се плаќаат даноци. Па така, стриктно гледано, сива економија е и кога некоја бабичка ќе продава патлиџани или марула на улица, кога некоја пензионерка ќе чува деца по дома, но и кога некоја градежна фирма ќе има 100 работници кои не се пријавени, или кога некоја голема компанија нема да плаќа даноци. Јасно е дека онаа сива економија која треба да загрижува се последните два примера, додека за првите два може да се каже дека се дури и корисни за општеството“, вели Јовановиќ.
И покрај тоа што не може да се искорени целосно, искуството покажува дека сивата економија често се користи како изговор за неспроведување на реформите.
„Кога некој ќе спомне дека треба да се зголемат даноците на богатите, првата реакција е – а што правиме со сивата економија? Тоа е погрешно размислување, затоа што не може да се чека сивата економија да се искорени, па потоа да се преземаат други реформи. Реформите мора да се спроведуваат паралелно, помеѓу останатото и затоа што постојат синергетски ефекти, односно со останатите реформи, како прогресивно даночење, може да се намали и сивата економија“, порачува нашиот соговорник.
Зајакнувањето на борбата против неа е дотолку повеќе важна што сивата економија создава длабок општествен јаз – сметаат нашите соговорници.
Сивата економија е во корелација со корупцијата затоа што меѓу другото, го поткопува и владеењето на правото – вели Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка.
„И ова прашање не е нешто што само го констатираат граѓанските организации, туку ова го констатираат и самите стопански комори коишто секојдневно укажуваат на тоа дека е потребно да постои некоја стратегиска определба во државата која ќе се справува со сивата економија сѐ со цел владеење на правото, а на една крајна премиса создавање на предвидлив деловен амбиент за работењето на компаниите. Токму од тие причини многу е значајно сивата економија да се разгледува повеќе како еден таков општествен проблем сѐ со цел истата да се намали и на крајот да имаме реално и целосно владеење на правото во општеството“.
А што покажува последниот извештај на МЦМС за проценка на корупцијата?
Нешто повеќе од 86 отсто од испитаниците одговориле дека имаат пишан одговор со својот работодавец, но 33 проценти од нив земаат поголема плата од онаа што е регулирана со договорот.
Камиловска Трповска вели дека токму тука се гледаат првите два проблема кои излегуваат наповршина.
„Односно 14 проценти од испитаниците прво немаат пишан договор за работењето, за својата работа што ја извршуваат. Тоа е едниот проблем којшто го гледаме и кој може да биде предмет на корупција. А 33 % од овие коишто имаат потпишан договор, гледаме дека земаат многу поголема плата од онаа што им е пропишана во самиот договор. И тука највеќе се гледа тој процент на неформална вработеност и процентот на она што го велиме сива економија и корупција во корелација. Бидејќи она што е регулирано со договорот не е она што реално му се исплаќа на работникот“, додава нашата соговорничка.
Понатаму, иако мал дел од испитаниците односно 4,5 проценти се изјасниле дека немаат платени придонеси на работното место, сепак 22,2 проценти рекле дека придонесите им се исплатени врз основа на пониската плата или врз основа на законски минималната плата.
За да видиме поефикасна борба против сивата економија вели таа, инспекторите треба редовно да ја работат својата работа.
„Најбитно е да видиме дека редовно се проверуваат овие сомнителни работодавачи кои на некој начин не ги спроведуваат законските обврски на начин на којшто би било очекувано. Треба органите коишто се надлежни за овој процес да бидат на линија на својата работа и така ќе може да се казнуваат оние што работат спротивно на законот“, потенцира Камиловска Трповска.
А за инспекциите да бидат засилени потребни се и повеќе кадри, на чиј недостиг укажува и Трендафилов од ССМ.
„Државниот инспекторат за труд нема доволно капацитети за да може да излезе на терен и да ги изврши сите контроли. Ние како ССМ се обидуваме да им помогнеме за да ги таргетираме работодавачите кои прават вакви злоупотреби. Меѓутоа капцитетите мора да ги зголемат за да може да имаат доволно инспектори кои ќе ги контролираат овие негативни појави во општеството“, смета тој.
Трендафилов додава дека без сивата економија, во државната каса ќе се слеат 250 милиони евра кои ќе бидат финансиска инекција за овозможување на сите барања на засегнатите групи. Самиот Сојуз на синдикати се обидува да ја крене свеста за сериозноста на проблемот и со олеснување на пријавување на ваквите случаи од страна на работниците.
-Ние ја имаме и дигиталната алатка „ССМ – Мои работнички права“ која работниците ја користат за пријавување и на вакви појави, за непријавена работа. Кога ќе направиме пријава преку Инспекторатот за труд при излегувањето на терен секогаш се констатираат неправилностите и се казнува работодавачот. Еден од механизмите кој ние како ССМ го имаме направено во таква ситуација е работниците кои ќе бидат затекнати, а непријавени од страна на работодавачот во работен однос, тој да мора задолжитено да ги пријави во работен однос на неопределено работно време и при тоа да плати казна – додава првиот синдикалец.
Иако и експертската јавност, како и работниците, но и фирмите, забележуваат за отсуство на напори на државата за сузбивање на сивата економија, на хартија Македонија ја има стратегијата која до 2027 година треба да ја формализира неформалната економија. Паралелно со овој документ, минатата власт предводена од СДСМ донесе и акциски план за периодот 2023 – 2025.
Трендафилов од Сојузот на синдикати забележува дека дури и кога работите се теоретски добро поставени, нивното спроведување затајува.
„Доколку овие акциски планови и стратегии се применуваа од страна на надлежните институции вклучително и Министерството за финансии, верувам дека тие 250 милиони ќе се слееја во државната каса. За жал, ние како синдикати сме упорни во борбата да се избориме против сивата економија и непријавената работа, меѓутоа некако затајува процесот кој треба да го води државата и да се погрижи оваа сива економија да биде во што е можно помал процент за да може на крајот на краиштата, да просперира самата држава“, порачува тој.
Камиловска Трповска пак, смета дека успешната имплементација на овие документи е тесно поврзана со спроведувањето на стратегијата за борба против корупцијата, бидејќи овие две состојби во општеството се тесно поврзани.
„Степенот на исполнителност на Националната стратегија за борба против корупција е низок и е измеѓу 10 и 20 проценти во изминатите три години од својата имплементација. Се надевам дека оваа стратегија за сивата економија нема да има такви ниски проценти на имплементација и дека ќе имаме поголема стапка на успешност во имплементацијата на истата. Тоа е нешто што би било прв позитивен чекор доколку гледаме дека таа истата се исполнува“, заклучува Камиловска Трповска.
ММС се обрати за коментар до Министерството за финансии, кое го прашавме што од она кое е предвидено во Стратегијата и Акцискиот план, веќе се применува во борбата против сивата економија. Од оваа институција кусо ни одговорија дека воспоставиле тесна соработка со сите други надлежни институции кои се засегнати со ова прашање и работат на имплементација на документите, но не прецизираа за какви активности станува збор.
Од ресорното министерство во писмениот одговор до ММС наведуваат дека намалувањето на сивата економија е еден од нивните приоритети. Од таму додаваат дека неформалната економија како комплексен феномен е широко распространета и се јавува во различни форми и облици.
„Таа има влијание врз ефикасното прибирање на приходите во буџетот, што потоа влијае врз испорачување на услугите кон граѓаните и реализација на капитални инвестиции“, додаваат од МФ.
Тимот за односи со јавноста не одговори конкретно на нашето прашање дали системот на оваа институција ќе се поврзе со системите на УЈП и на Царинската управа како што беше најавено и претходно.
Меѓу механизмите кои се споменуваа во јавноста за справување на сивата економија е и е-фактурата, која ја најавуваше и претходната власт, а влезе и во изборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ која го освои мнозинството гласови на последните парламентарни избори.
Како гледа на овој проект бизнис секторот, која институција каква улога ќе има во неговото спроведување се прашањата кои ги обработуваме во следната анализа.
Продолжува…
Вања Мицевска
Со овој текст, ММС.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.