Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” во Скопје се обрати на свечената промоција на 24. класа на питомци во прв офицерски чин – потпоручник, слушателите на Курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин – поручник и слушателите на основниот курс за подофицери во прв подофицерски чин – водник.
Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова пред питомците истакна дека тие стануваат офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти и дека како офицери на НАТО- армија, од нив се очекува да ги исполнуваат највисоките професионални стандарди и врвни критериуми.
Претседателката изрази уверување дека тие активно ќе учествуваат во справувањето со традиционалните и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер-просторот и дека ќе треба да придонесуваат за колективната безбедност и одбрана преку учество во мировни мисии и операции, да ја одржуваат борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери.
Во рамки на свечената промоција, претседателката Сиљановска Давкова на потпоручник Милица Перишиќ од Црна Гора и додели плакета за најдобар успех во 24. класа питомци на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски”.
-Армијата, е всушност, едно семејство од лични приказни, меѓутоа не е само обичен збир на припадници. Има нешто заедничко – сите вие овде, на кои јас сум горда, офицери, подофицери, војници, сте обврзани со нешто свето, со свечената заклетва, да ја браните слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на нашата македонска татковина. Се разбира, војската бара дисциплина, не само посветеност. Затоа и вие дисциплинирано, совесно и одговорно, како што студиравте, како што учевте, така и да ги извршувате обврските и должностите како бранители на слободата и честа на татковината, рче таа и додаде:
-Никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва, дека сте тука пред сè и над сè за македонските граѓани и за одбраната на македонската република.
Со вашата одговорност и дисциплина, со вашиот патриотизам и професионализам, вие треба да бидете пример и гордост за македонското општество. Да се биде офицер, подофицер, војник во македонската армија било, е, и треба да биде чест. И во добро и во лошо, државата и граѓаните можеле и можат да се потпрат на вас, на армијата, не само во справувањето со елементарните непогоди и кризните состојби, туку и во справувањето со конфликтите. Секогаш тоа го правевте професионално и пожртвувано. Впрочем и затоа Армијата континуирано ужива највисока доверба меѓу македонските граѓани.