Висок процент (62%) на млади во прва прилика би ја напуштиле државата, за која сметаат дека не се движи по вистинскиот пат. Дури 77% од младите не планираат да се вратат доколку мигрираат, што претставува зголемување од 14% од последното истражување во 2021 година. Третина од младите (33%) сметаат дека земјата е подалеку од членството во ЕУ во споредба со минатата година, додека само 17% веруваат дека е постигнат напредок.
Ова се податоците од анализата насловена„Социо-политичкото учество на младите во Северна Македонија“, во издание на Фондацијата за демократија на Вестминстер, според која ниту една институција или организација не ужива ниту умерена ниту висока доверба кај младите. Студијата покажа дека повеќето млади не се општествено активни, односно 8 од 10 млади се опишуваат себеси како главно или воопшто неактивни граѓани, наспроти една четвртина од испитаниците што себеси главно се идентификуваат како активни во општеството.
Само 17 отсто од младите веруваат дека државата се движи во вистинската насока, што бележи значителна промена од претходните години. Процентот на млади луѓе кои мислат дека земјата оди во погрешна насока е двојно зголемен од 2019 година, зголемувајќи се од 24% на 50%.
„На прашањето за иднината, 25% од испитаниците сметаат дека Северна Македонија ќе биде подобро место за живеење за младите луѓе за пет години. Спротивно на тоа, бројот на млади кои веруваат дека тоа ќе биде полошо место драстично се зголеми од 18% во 2019 година на 42%. Само 32% од младите велат дека се задоволни од своето место во општеството. И покрај овие предизвици, 40% остануваат со надеж за потенцијалот за позитивни промени во земјата.Само 38 отсто од младите веруваат дека земјата на крајот ќе стане членка на ЕУ, што е намалување за 22 отсто од 2019 година. Меѓу оние кои се оптимисти за пристапувањето во ЕУ, сега очекуваат тоа да се случи до 2032 година, што е промена од очекувањата во 2019 година за пристапување во рок од шест години. Третина од младите (33%) сметаат дека земјата е подалеку од членството во ЕУ во споредба со минатата година, додека само 17% веруваат дека е постигнат напредок“, пишува во Анализата.
Спроведено преку национално теренско истражување во август и септември 2023 година, истражувањето опфати репрезентативен примерок од 1.025 испитаници, заедно со дополнителни 32 учесници од примерокот „засилувач“ што ги претставува младите луѓе со сензорни и/или моторни попречености. Автор на анализата е Мартин Галевски, додека уредник е Ина Џугуманова.