Македонскиот јазик мора да се почитува, бидејќи е по дефиниција лингва франка, јазик којшто ги обединува државата и институциите. Тоа го кажаа и Венецијанската комисија и ЕУ, потсетува Академик Катица Ќулафкова, кој вели дека во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) работи Центар за реална лингвистика. Но, тоа не е центар за македонски јазик, туку е предвидено да се разговара за македонски јазик во контакт со други јазици.
-Во таа смисла имаме проекти во кои се третира и албанскиот јазик, а пред неколку години е формиран и Институтот за проучување на духовното културно наследство на Албанците. Таков институт не постои за Македонците. Зошто не постои?! Не може да постои за помалата заедница, но не и за носечката. Сепак, македонскиот народ треба да се сфати дека не е обична заедница. Како што албанскиот народ во Албанија е конститутивен народ и тоа мора да се почитува како такво. Но, статусот на албанската заедница кај нас, не е од ист ранг како во Албанија. Бидејќи постои македонски народ кој веќе стекнал право на конститутивен народ, изјави Ќулафкова во „Стадион“ на Канал 77.
Ова се дел од контра аргументите на иницијативата за формирање на паралелна, албанска Академија на науките и уметностите во Македонија. Академик Ќулафкова смета дека МАНУ е отворена институција за сите што исполнуваат критериумите и можат да бидат
примени, без оглед на етникумот. Додаде дека Албанците во Македонија веќе имаат три универзитети и Институт, а на распишаните конкурси во административните служби, нема пријави во последните 4 години од страна на албански кандидати.
-Мора да има компетитативност за да биде примен и во администрација. Не би сакала нашата точка на гледање да се прекрши низ призмата на етничката припадност, сакам со колегите Албанци да имам рамноправен однос. Каков балансер! Тоа е системска грешка, да не кажам кривична, која се темели на сосема погрешна визура, и плус балансерот кај нас ја дестабилизира ситуацијата. Имате над 80% Албанци во администрацијата во одредени министерства и институции и тоа создава револт на другата страна. Има имплицитна принуда на Македонците, особено на Македонците муслимани да се декларираат како Албанци и ние треба да се вратиме на старите принципи – компетиција, квалитет…, вели Ќулафкова
Таа наведува пример од Франција, каде во Академијата со 33 бесмртни е примен Либанец кој е Арап, пишува на француски јазик, е натурализиран Французин. Но, тој не е примен во Академијата затоа што е Либанец, туку затоа што е врвен писател, кој пишува и на француски.
-Нашите колеги Албанци порано пишува на македонски јазик и ние секаде ги вклучуваме. И јас лично сум ги вклучувала во Антологиите, затоа што се меѓу другото писатели на македонски јазик. Одеднаш престанаа да пишуваат со одредена доза на игнорирање, потценување кон македонскиот јазик. Тоа го сметам како последица на политичките превирања, а не затоа што тоа е нивен приоритет или избор. Мислам дека е тоа неправилно и треба да се вратиме на тие прости стандарди, каде што само оние што се најсоодветни по квалитет, по знаење, по умеење, по стручност, по експертиза, ќе бидат назначени. Нека ги има многу, ама ако се добри, тие ќе бидат избрани. Но, мора македонскиот јазик да се почитува. Мора да постои јазик којшто ја обединува државата и институциите – тоа тнр. лингва франка и тоа го кажа и Венецијанската комисија и ЕУ, изјави Ќулафкова.
Според неа, МАНУ не смее да биде институција, која ќе отстапува од критериумите, кои се основата за прием.