Автобус на ЈСП Скопје денеска се расипал па се запалил во општината Бутел. По ова, Територијалната противпожарна единица на Град Скопје интервенирала со едно возило и го изгаснала пожарот. Инаку, станува збор за автобус ЛАЗ од украинско производство кој се запалил на крстосницата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ и улицата „Ферид Бајрам“.
Ова е втор пат да се запали автобус на ЈСП, откако пред девет дена изби пожар во задниот дел кај моторот на еден од автобусите. За среќа, и денес и тогаш во автобусите немало патници.
Друг автобус пак, на почетокот на овој месец удри во жардинера кај Мавровка за што Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје оформи предмет. Во ваквата сообраќајна незгода со повреди се здобија возачот на автобусот и двајца патници.
Инцидентите со автобусите во главниот град паралелно ги следат и проблеми во возниот ред создавајќи револт кај граѓаните, кои на овие пеколни температури се соочуваат и со колабирање додека ги чекат возилата кои доцнат. Ситуацијата со јавниот превоз во Скопје е сосема поинаква од она што градоначалничката, Данела Арсовска го ветуваше во предизборието. Кога се бореше да седне на градоначалничката фотелја таа ветуваше 250 нови еколошки автобуси за да може преку еколошки јавен транспорт да го намали загадувањето.
Откако граѓаните ѝ ја дадоа довербата и ја доби функцијата, таа само ги напласти проблемите со превозот па не само што Скопје не доби еколошки автобуси, туку полека останува и без тие што ги има.