Откако дел од министерствата добија заменици министри со несоодветно образование за полето на кое треба да кројат политики, нови кадровски решенија беа именувани и за затворите.
Владината одлука за кадровските смени дојде паралелно со алармот од страна на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов дека во затворите има тешки проблеми, корупција, а недостиг на контрола.
На прес конференција тој рече дека некои затвореници излегувале и влегувале во затворот кога сакале. Пандов посочи и дека според затворските полицајци, затворениците се преместувале со усна наредба на директорот Филип Андов – Сокол. Два дена по ваквата изјава, Андов со одлука на Владата беше разрешен за на негово место да дојде Бобан Утковски.
Нов директор доби и штипскиот затвор, на чие чело застанува советникот од општина Штип, инаку дефектолог, Дејан Здравков, а негов заменик е Ѓорѓи Хубрев од партијата ЗНАМ.
Именувањето на Јанески за директор на затворот во Прилеп ги скара Левица и ЗНАМ
Од истата партија е и новоименуваниот в.д. директор на затворот во Прилеп, Емил Јанески кој порано беше член на СДСМ.
Ваквата одлука ги скара ЗНАМ и Левица, откако левичарите реагираа дека тој имал кривична пријава за несовесно работење во службата.
„Јанески во 2020 година беше директор на ЈКП Водовод и канализација – Прилеп и против него СВР Битола поднесе кривична пријава за несовесно работење во службата и предизвикување штета врз буџетот од препријатието во висина од 2.3 милиони денари“, реагираа од Левица преку писмено соопштение.
Од партијата обвинуваат дека Јанески е незаконски назначен за в.д. директор бидејќи не е вработен во таа установа, а согласно законот, како што велат, за вршител на должност може да се назначи исклучиво лице само од редот на вработените.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија одговори дека против Јаневски никогаш не е отворен обвинителен акт и дека кривичната пријава која била поднесена е одбиена од прилепското Обвинителство.
„Станува збор за исклучително чесен и стручен човек, кој со своето над 15 годишно искуство во МВР, Одделение за криминалистичка полиција ќе придонесе за успешно раководење на КПД во Прилеп. При неговото назначување запазени се сите законски норми и критериуми, наведуваат од ЗНАМ.
Левица пак, не пропушти да ја потсети владеачката партија дека и самата ги нарекуваше кадрите на СДСМ криминални, за што сведочи и прес конференцијата одржана во јули 2020-та.
Тогаш Кети Спиркоска од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп изјави дека МВР го сомничи Јанески за предизвикана штета врз буџетот на „Водовод“ во висина од 2.300.000 денари.
„Со овој директор на чело, јавното претпријатие го следат низа скандали, од кои еден таков беше и случајот со истекување фекалии, наместо технички исправна вода од пречистителната станица. За овој случај ВМРО-ДПМНЕ објави јасни докази, фотографии и видеа, кои само за Јанески не беа вистина“, истакна Спиркоска на тогашната прес конференција.
Таа тогаш јавно го повика Јанески да каже дали и колку се офајдил од оваа зделка и го нарече „послушник на Заев“, но четири години години подоцна нејзините сопартијци одлучија тој да добие нова функција, а за негов заменик го именуваа Диме Наумчески.
Инаку, според одлуката на Владата, нови в.д. директори има и на затворот од отворен тип во Струга, но и на кумановскиот затвор со отворено одделение во Крива Паланка. Нови в.д. директори се именувани и на затворите во Тетово, Битола, Гевгелија, Охрид и Струмица.
Новите кадри несомнено уште во старт ќе се соочат со сериозни предизвици кои како што оцени и граѓанскиот сектор, ги прават лоши условите во македонските затвори.
Извештаите на невладините организации кои ги следат овие прашања покажаа дека таму корупцијата „цвета“ со години, но и дека напорите на државата не се доволни за тоа да се подобри. Македонските затвори бројат премногу затвореници во услови кои не само што материјално се несоодветни, туку и немаат здравствена заштита.
Познавачите сугерираа дека подобрувањето на состојбата треба да почне од политичката волја бидејќи дел од проблемите се провлекуваат две децении.
(В. Ми)