Дипломатски пасош со цел полесно да патуваат и избегнуваат гужви на границите, побарале сите членови на Антикорупциската комисија. Антикорупционерите сметаат дека тоа е нивно право, но од друга страна се ставовите дека е тоа привилегија, која законски не им припаѓа. Технички пропуст откри вреден имот што на подарок му бил даден на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев. Што покажуваат пријавите на имот на Јанушев во време кога бил директор, па пратеник, а сега и генерален секретар – кој дезинформира? Олимписките игри ќе се искористат за да снема готовина и светот да не може повеќе да го користи – уште една од светските дезинформации пред почетокот на најважниот настан во Франција. Содржината на „Топ дезинформации на неделата“.
Во телевизиско интервју претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска потврди дека од претходниот министер Бујар Османи добила дипломатски пасош. Министерството за надворешни работи се’ уште им нема одговорено на барањата за дипломатски пасош на останатите шест членови, за кои претседателката рече дека очекува позитивен одговор. Како аргумент го наведе честите службени патувања, но пред се’ како што кажа Димитровска, дипломатскиот пасош им следува како избрани лица во Собранието.
„Следува по основа на функционер избран од Парламентот, во точка 11 од упатството коешто ги уредува. Зошто е побарано дипломатски пасош? Бидејќи, тоа не значи злоупотреба за приватни цели. Побаран е од причина што сме често поканети и на настани во други држави и, сепак, имаат приоритет некаков на одредени настани заради навремено пристигнување, изјави претседателката на ДКСК.
Во Правилникот за издавање на дипломатски пасоши е дефинирано кој се’ може да добие ваква патна исправа, но конкретно членовите на ДКСК не се во тој список. Со ова ако се чита буквално, Димитровска со оваа изјава дезинформира. Меѓутоа, во Член 11 во Законот за патни исправи пишува дека дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, што по дефиниција се и членовите на ДКСК, кои се избрани во Собранието. На овој член се повикува ДКСК. Во законските измени на овој закон од 2020 година му се дава дискреционо право на министерот за надворешни работи, кој може да даде одобрение за дипломатски пасош „на лице кое со оглед на карактерот и улогата на неговата дејност е значајно за унапредување на дипломатските, политичките, економските и културните односи на Република Северна Македонија и за претставувањето на државата во странство, како и на лице ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија“, пишува во законските измени.
МНР појасни дека членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата не влегуваат во категоријата на лица кои согласно со актите кои го регулираат ова прашање имаат задолжително право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа, соопшти МНР во врска со доставените барања за дипломатски пасоши од шесте членови на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Едно е што може законот и што му е дадено како право на министерот, а сосема друго е што е етички и значи демонстрација на интегритет, реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупција
Потсетувајќи дека според Правилникот за постапката за издавање на дипломатски и службени пасоши и визи и за листата на носители на дипломатски и службени пасоши, во листата на носители на дипломатски пасоши не ги наведува претседателот и членовите на ДКСК. Во споменатото интервју, претседателката на ДКСК изнесе уште податок, кој потоа беше демантиран. Димитровска одговарајќи на новинарско прашање рече дека Антикорупциска нема барано возила од Владата, што потоа беше повторено во објавеното соопштение на сајтот на ДКСК.
„Што се однесува до темата службени автомобили, одговорно изјавуваме дека до ниту една државна институција никогаш не е испратено барање за доделување на службени автомобили на членовите на ДКСК вклучувајќи ја и претседателката Димитровска. Во рамките на ребалансот на Буџетот на РСМ, ДКСК не побарува финансиски средства за купување на автомобили“, пишува во соопштението.
Ова го демантира Владата во одговорот што го побарале од „360 степени“.
„Врз основа на договорот за општи и заеднички работи и услуги за 2024 година склучен со СОЗР, ДКСК во последните неколку месеци има побарано по две возила во три наврати, а едно возило за последното барање. Согласно договорот, услугата за превоз е со надоместок односно со фактурирање, е одговорот од Владата.
Новиот состав на ДКСК беше избран на 22 декември 2023 година, додека со работа почна на почетокот на февруари.
„Техничка грешка“ или недоследност со имотот на Генералниот секретар на Владата?
Пред овој состав на ДКСК е предметот за подарокот вреден 325.000 евра што генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев прво во имотниот лист на функционери го пријави како градежно изградено земјиште од 165 метри квадратни, за четири дена подоцна го преиначи во стан во вредност од 20 милиони денари. Имотот, како што стои во листата, е во Катастарската општина Центар 1. Опозициската СДСМ објави документ од 2023 година за кој тврди дека е за купопродажба, со потпис на Љубенчо Јанушев, кој му го подарува имотот на Игор Јанушев.
Оваа недоследност е забележана во промените на двете доставени пријави во текот на јули годинава. Владиниот генерален секретар објасни дека не постои никакво подарено земјиште.
„Има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото“, напиша Јанушев.
Тврдењето на Јанушев дека се работи на истиот имот што го поседувал во минатото е недоследна.
Во пријавата на имот на пратеникот Јанушев до ДКСК има евидентирано имот во КО Центар од 2023 година, добиен на подарок, меѓутоа се работи за различна квадратура и вредност на имотот. Не е прецизирано ниту за каков имот се работи. Јанушев пријавил 143 квадрати во Центар во вредност од 17,3 милиони денари.
Имотниот лист од времето кога беше директор во ЈСП ја потврдува неговата изјава дека неговиот имот „не само што не е зголемен, туку е и двојно помал доколку се направи споредба со тој од 2017-та година“.
Јанушев во таа пријава во времето на неговото директорување со ЈСП, кога набави 200 кинески автобуси, наведува еден заеднички стан од 90 квадрати во Скопје и три други станови на брачниот другар.
ДСКС со постапката се очекува да даде одговор за имотот на новиот владин Генерален секретар, што го побара Управата за финансиско разузнавање.
Пожарите и Украина немаат врска
Вистиномер неделава дебанкира објава, каде без никакви факти и докази, притоа користејќи стари фотографии од странство, сака да предизвика некакви емоции кај следбениците, но и револт, правејќи неосновани споредби меѓу пожарите во Македонија и војната во Украина. Во објавата се тврди дека тврди дека никој не ги жалел македонските пожарникари и наместо тоа се испраќала помош во Украина. Имено, во гаснењето на пожарите се вклучени и војската и полицијата, а помош пристигна и од Европската Унија.
„Пожари во Македонија имало и ќе има, државата се справува со нив со сите расположливи капацитети, како и со помош од странските партнери и тоа во никој случај не може да се доведе во корелација со надворешната политика на земјата и поддршката за Украина која две години се обидува да се одбрани од руската агресија“, пишува Вистиномер.
Ќе снема готовина?!
Дезинформација на платформата TikTok заплашуваше дека Олимписките игри во Франција ќе се искористат за светот да остане без готовина.
На TikTok се појави видео во кое нараторот тврди дека околу 14 јули ќе има големо ресетирање на институции, банки и хартиена готовина. Според оваа теорија, тој ден војската ќе излезе и на луѓето ќе им се одземе имотот. Олимписките игри треба да го одвлечат вниманието на општеството од подготовките за овој настан. Европската централна банка потврди дека не планира да ја елиминира готовината.
Според тоа, нема веродостојни докази кои би укажале дека таков настан ќе се случи.
Бројни дезинформации се појавија по пукањето врз поранешниот американски претседател и сегашен кандидат на републиканците, Доналд Трамп.
Во една пренесените објави се тврди со фотографија дека дупка од куршум има на костумот на Трамп, што докажува дека тој бил застрелан во градите за време на обидот за атентат . Тоа е неточно. На фотографијата всушност се гледа превиткување во јакната од костум на агент на Тајната служба кој го штити Трамп. Друга слика на Асошиетед прес, јасно покажува дека нема дупка во јакната на Трамп. Она што изгледа како дупка може да се види како се намалува додека агентот се движи на видеото од последиците од пукањето.
Во друга објава, со фотографија се тврди дека агенти на Тајната служба се смешкаат додека го опкружуваат Трамп по пукањето.
Се работи фотографијата, која е монтирана за да изгледа како агентите да се смешкаат. Во оригиналот, истите агенти може да се видат со неутрални изрази на лицето.
Д-р Ненад Живановиќ во колумна за Респаблика пишува дека дипфејкот, како дел од лажните вести, станува вообичаена појава, која брзо се шири по интернетот.
„При што, и за експертите е многу тешко да ја воочат разликата помеѓу автентичните и лажните фотографии или видеа, додека на обичните консументи сѐ им изгледа вистинито. Дипфејкот е, така да се каже, новото супер-оружје на лажните вести, затоа што сега, не само што е можно да се дистрибуираат дезинформации, туку тие изгледаат и веродостојно“, пишува Живановиќ.
Според тоа, потребно е унапредување на знаењата кај граѓаните за начинот на кој се употребуваат фотографиите и видеата со цел да дезинформираат.
В.К.