Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска во име на сите членови на претходниот состав на ДКСК упати реакција на соопштението на ДКСК по повод „Дипломатските пасоши” и како што напиша на фејсбук, обврска на медиумите е да го следат работењето на институциите и на фунционерите и за тоа навремено и целосно да ја известуваат јавноста.
Како поранешни членови, пишува Ивановска, немаме никакво влијание ниту врз работењето на Комисијата ниту врз работењето на медиумите. Извештаите за работењето на претходниот состав на ДЛСК, како и извештаите на Европската комисија и другите меѓународни организации и тела, посочува таа, го прикажуваат односно го оценуваат работењето на Комисијата во нашиот мандат.
– Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не не спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со ЕК во Брисел. Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењто велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам.
По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам. Ова е навреда за сите совесни функционери кои се однесуваат домаќински со народните пари и за сите совесни граѓани кои почитуваат европски вредности и се грижат за животната средина, објави Ивановска на нејзиниот фејзбук-профил.