Се поголем број влади и институции тврдат дека зад големиот технолошки дефект што ги погоди компаниите и системите ширум светот, не стои хакерски напад, а виновникот го наоѓаат во софтверот на компанијата за кибер безбедност CrowdStrike.
Светските авиокомпании, аеродромите на најмалку четири континенти, здравствените системи, банките, телекомуникациите, медиумите и други компании, институции и организации денеска се соочуваат со потешкотии во работата поради голем ИТ дефект.
Австралиската влада, швајцарската канцеларија за кибер безбедност, Би-Би-Си и шефот на една украинска банка се меѓу оние кои веруваат дека софтверот „Фалкон сензор“ на компанијата за кибер безбедност CrowdStrike е причина за неуспехот.
Грешката на американската компанија со седиште во Остин предизвикува паѓање на оперативниот систем на Мајкрософт Виндоус и прикажување син екран, неформално познат како „син екран на смртта“.
CrowdStrike го претставува својот софтвер Falcon како платформа „за спречување на упади со помош на унифицирани облак технологии што ги запираат сите видови напади – вклучувајќи малициозен софтвер и многу други“.
CrowdStrike се уште јавно не го коментираше случајот ниту одговори на прашањата на новинарите.
Светските медиуми пишуваат за начинот на „заобиколување“ на оваа грешка, која подразбира лоцирање и бришење на една датотека, но нагласуваат дека во многу случаи тоа нема веднаш да го реши проблемот, бидејќи во големите системи оваа акција мора да се повторува рачно сто пати, што бара часови работа.