Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, денеска, на прес-конференција за ребалансот на Буџетот информираше дека за исплата на плати предвидени се вкупно 4,1 милијарда денари, додека за исплата на пензиите пет милијарди денари.
Вкупните приходи во Буџетот, министерката рече дека се планирани на 318 милијарди 150 милиони денари, што е за 8,22 милијарди зголемување. Планирано е и зголемување на даночните приходи од сопствени сметки. Расходите се планирани на 362 милијарди 816 милиони денари што е зголемување од 19,178 милијарди денари.
Првично проектираниот БДП, потенцира, е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 отсто, а растот на нето платата за 13 проценти.
Според министерката, со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. Во дел од институциите, како што рече Димитриеска Кочоска, имало предвидени плати само до јуни.
– При подготовката на ребалансот се тргна од претпоставките колку средства може да се прераспределат од ставки кои бележат слаба реализација. Со прераспределбата се обезбедени 20 милијарди денари, а дополнителни 11 милијарди денари се планирани за покривање на доспеаните обврски и обврски кои биле законски, а не биле планирани. Тоа резултира буџетскиот дефицит да се зголеми за 11,156 милиони денари, истакна Димитриеска – Кочоска.
За враќање на кредитите на ЈСП, Железници, ЕСМ и ЈПДП, со ребалансот обезбедени се средства од 5,1 милијарда денари.
– Со ребалансот обезбедивме 5,1 милијарда денари за сервисирање на кредитни обврски кон меѓународни финансиски институции во име на државни и јавни претпријатија. Имено ЈПДП, ЈСП, Железници, ЕСМ не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции, а согласно закон Министерството за финансии има обврска да ги враќа средствата во нивно име, рече министерката.
За исплата по судски решенија со ребалансот обезбедени се 600 милиони денари. Димитриеска – Кочоска нагласи дека штетите кои ги трпи Буџетот по однос на изврши исправи се огромни, истакнувајќи дека само за 2023 година биле исплатени 1 милијарда 671 милион денари.
– Станува збор за различни предмети пред се од повреди на Законот за работни односи односно префрлање на вработени од едно на друго место кои тужеле и добиле. Понатаму извршни исправи кои се исплаќаат за изгубени предмети на Судот за човекови права. Побарав дополнителна анализа во изминативе денови која покажа дека предметите ги губиме заради грешки на судии од недонесување на судска пресуда во рок и слично. Само за 2024 година се исплатени 3 милиони евра по овој основ, рече министерката.
Од 2024 до 2028 државата само по основа на камати треба да исплати 1,800 милијарди евра.
– Зголемување на каматите за 822 милиони денари поради раст на дел од каматите врзани со еурибор. Воедно повторно морам да напоменам дека во следните 4 години односно 2024-2028 година вкупниот долг или отплата кој што треба да ја направиме само по основ на каматите е 1 милијарда и 800 милиони евра, рече министерката.
Државата обезбедила 1 милијарда денари за исплата на законската финансиска помош во зоните, за која што Димитриеска – Кочоска вели претходната влада ја знаела, но не ја обезбедила во Буџетот.
Понатаму, за Државната изборна комисија обезбедени се 322 милиони денари, 644 милиони денари за студентски оброк и за стипендии, 6 милијарди денари за проекти за капитални инвестиции во општините, 132 милиони денари исплата кон фондовите на ЕУ поради констатирана злоупотреба на средства од страна на ОЛАФ во националната агенција за мобилност Еразмус, 143 милиони денари за закупнини во ДКП, 150 милиони денари за МРТВ, Транзициски трошоци втор столб 400 милиони денари, Здравствено осигурување за пензионери 879 милиони денари, 1 милијарда и 700 милиони денари за ФЗОМ за исплата на доспеани обврски и боледувања, Субвенции за земјоделие во износ од 1 милијарда и 7 милиони денари кои се доспеани, 550 милиони денари за ваучери во спорто, 80 милиони денари за Биро за развој на образование односно за учебници, За мој ДДВ обезбедени се 1 милијарда денари.