Локален полициски снајперски тим бил распореден во зградата од чиј покрив атентаторот, Томас Метју Крукс, пукал и го рани поранешниот американски претседател и актуелен претседателски кандидат Доналд Трамп за време на предизборен митинг, објави Њујорк пост, цитирајќи извори од органите на редот.
Зградата во Батлер, Пенсилванија, во која се наоѓаше фабрика за пакување стакло и пластика, локалната полиција ја користеше како „набљудувачки пункт“ за нивните снајперисти да внимаваат на заканите додека поранешниот претседател држеше говор на само околу 110-120 метри, тврдат изворите.
Според нив, во моментот на пукањето полицајците биле внатре во зградата, но не на нејзиниот покрив.
Крукс успеал непречено да се искачи на зградата пред да пука осумпати, ранувајќи го Трамп во увото, убивајќи еден учесник на митингот и ранувајќи уште двајца.
Локалните медиуми објавија дека Крукс бил забележан во зградата околу половина час пред да отвори оган – при што еден од полицајците од округот Бивер дури и го фотографирал пред пукањето.
Извори за спроведување на законот рекоа дека не е јасно дали некој од локалните офицери – кои имаа задача да го обезбедуваат периметарот околу митингот – можеле да ги известат агентите на американската тајна служба за напаѓачот.
Весникот додава дека еден од полицајците се обидел да го пребара покривот неколку минути пред да започне пукањето, но се повлекол кога Крукс му вперил пушка.
Според портпаролот на американската тајна служба Ентони Гуглиеми, локалната полиција била задолжена за обезбедување на областа каде што се случило пукањето.
Според изворите, полицијата го проверила местото и просториите пред почетокот на митингот на Трамп, но нивните полицајци за време на настанот не се качиле на покривот од страв да не се мешаат во работата на снајперистите на американската тајна служба.
МИА