Повелба за негување и унапредување на македонската хорска музика доби охридскиот градски хор Vox Lychnidos од 29-то издание на еден од најпрестижните хорски фестивали со натпреварувачки карактер во регионот „Блистави гласови“, што изминатиот викенд се одржа на летната сцена во Нишката тврдина во Србија.
Моќно и емотивно звучеа композициите Ubi caritas, потоа Bum ta ka bum од охридскиот композитор Гоце Гавриловски, Konj и Besame mucho, а публиката со овации аплаудираше по секоја изведба. Членовите на стручното жири како и организациониот одбор на фестивалот на прес конференцијата потенцираа дека настапот на хорот бил на високо ниво. Меѓу нив имаше стручњаци кои период наназад ги следат настапите на Vox Lychnidos и заклучија дека значително е подигнат квалитетот на хорскиот состав, благодарение на изборот на композициите и одличната соработка на хористите и диригентот за време на изведбите.
– Градскиот мешан хор Vox Lychnidos предводен од диригентот Бурим Хидри кој на извонреден и суптилен начин го вклопи хорскиот состав како еден компактен организам кој дејствуваше доста успешно при презентацијата на делата, беше речено на прес конференцијата.
Диригентот Хидри не го крие задоволството и гордоста што напорната работа вроди со плод, што имаа можност да ја делат сцената и да се натпреваруваат рамо до рамо со дел од најдобрите светски хорови. Жири комисијата со позитивни коментари и за репертоарот, а посебен осврт имаа на композицијата Bum ta ka bum на композиторот Гавриловски која претставува современ израз сплотен во карактеристичен ритам преку разни комбинации на современи музички изразни средства. Композиторот Гавриловски е горд што неговото делото придонесе за целокупното успешно претставување на хорот.
Покрај настапот на овој престижен натпревар, дружбата со нивни колеги од други земји, хористите имаа уникатна можност да одржат проби со еден од најдобрите светски хорски диригенти Томас Каплин.
За членовите на хорот ова беше непроценливо искуство што ќе ги инспирира и во иднина да се вложат во унапредување на хорската музика.