Големиот пожар во Неготинско, кај воениот полигон „Пепелиште“ продолжува забрзано да се шири, поради што претпладнето Штабот за заштита и спасување на општина Неготино упати апел до жителите од Пештерница, Бела Вода, Калањево, Липа, Брусник и околните места да ги напуштат своите домови. Упатени се да се засолнат на безбедно место во градот или околните села кои не се зафатени од пожарот поради опасноста од забрзано ширење.
Штаб за заштита и спасување на општина Неготино побара од правните субјекти кои располагаат со соодветна механизација во рамките на можностите кои не ја попречуваат нивната дејност да ги стават на располагање своите ресурси. Исто така препорача да се изврши активирање на доброволните противпожарни друштва на општина Неготино и општина Демир Капија; Да се обезбедат и дистрибуираат потребните количини на вода за пиење и храна до спасувачите на терен;
– Се апелира до сите граѓани кои доброволно сакаат да помогнат во справување со настаната состојба да се пријават во Општина Неготино на тел бр. 043/361-045, апелираше Општинскиот штаб.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека има 10-километарскиот „огнен фронт“, од кој не се во опасност и загрозување населбите, објектите и инфраструктурата.
Од изутрината се дејствува врз пожарот а ЦУК упати и барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“
-Конкретно, денеска, во раните утрински часови, се дејствува врз пожарот во реон на армискиот воен полигон „Пепелиште“ од страна на ТППЕ Неготино и Јавните комунални претпријатија од општината, а и со локална поддршка од месното население. Опасниот крак од пожарот на 10-километарскиот „огнен фронт“, што го ги загрозуваше селата Пепелиште и Војшанци вчера е изгаснат, така што повеќе не постои повеќе опасност од пожарот за двете села.При утринската координација на ТППЕ од Неготино, ЦУК и МВР е одлучено хеликоптер на МВР, утрово, да дејствува на теренот каде што е пожарот во правец од с. Војшанци кон сртот на планината Серта, за да не префрли пожарот кн Конечка Планина. Таму има густа вегетација од ниска шума, нискостеблеста иглолисна вегетација и висока трева, соопшти ЦУК.
Дел од екипите на пожарникарите од ТППЕ и јавните комунални претпријатија од Неготино се концентрирани на поголемите жаришта од пожарот на планината Серта. Тие ПП екипи, заедно и со дел од мешаните, континуирано дејствуваат во тој предел за да го стават пожарот под целосна контрола.
Целата операција на дејствување врз пожарот е задолжен да ја води командирот на ТППЕ и по негова проценка, дека има потреба од дополнителни ресурси за справување и гаснење на пожарот, преку градоначалникот на Општина Неготино, че ги побара од соседните општини.
Армискиот хеликоптер „ми-17“ попладнето се вклучи во гаснење на пожарот.
Фото: МИА