Напаѓани од повеќе аспекти – за нивниот изглед, облеката која ја носат, возраста што ја имаат, па сѐ до нивната брачна состојба. Политичарките во земјава сѐ уште се соочуваат со родови стереотипи, кои неодамнешните двојни избори особено ги интензивираа. Социјалните мрежи создадоа плодна почва за злоупотреба на слободното изразување, а тоа само го поткопа женскиот авторитет.
Ова се дел од заклучоците во новата анализа на Институтот за комуникациски студии на тема „Политичарките и медиумската пристрасност“.
Анализата нотира дека нападите и обидите за дисциплинирање на начинот на кој се однесуваат политичарките, нивната облека и тела, не само што ја нарушуваат нивната репутација и кредибилитет, туку и создаваат непријателска средина, која ги одвраќа жените од активно учество во политичките процеси.
Жените во политиката генерално често се соочуваат со напади насочени кон нивната ментална стабилност, како резултат на родовите предрасуди за нивниот кредибилитет и авторитет. Критиките за физичкиот изглед и облеката на политичарките често се користени како алатка за одвлекување на вниманието од нивните способности и достигнувања, што дополнително ја зајакнува родовата нееднаквост.
Објавувањето новинарски извештаи за родовите прашања и користењето сензитивен јазик се моќни алатки во рацете на медиумите за борба против родовите стереотипи – покажа новата анализа на ИКС.
Токму за улогата на медиумите во зголемување на свеста за присуството на жените во политиката, разговаравме со една од авторките на анализата, Сара Миленковска и извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Билјана Георгиевска.
Политичарките го адресираат насилството на кое се жртви, но недостига солидарност и помеѓу нив и кон нив од сопартијците
Миленковска вели дека македонското општество сѐ уште го ограничува пристапот на жени во политика преку нивно таргетирање, стереотипизирање, навреди и говор на омраза.
Традиционалните патријархални улоги влијаат врз медиумите, а анализата, вели таа само го потврдува тоа дека недостасува родовосензитивно известување.
„Еден од преовладувачките родови стереотипи е токму и оној кој претставува најголемо оружје против учеството на жените во политика, напаѓањето преку фокусирањето на менталната стабилност и емотивност. Самиот стереотип кој медиумите го повторуваат, придонесува до градење на јавно мислење кое уште повеќе станува ограничувачко кон жените. Иако често и политичарките самите го адресираат политичкото насилство кое го искусуваат, сепак недостасува солидарност помеѓу политичарките но и кон нив од нивните сопартијци“, вели Миленковска во изјава за ММС.
Со сличен став е и Георгиевска која со критика го коментира новинарското известување за време на изборниот период.
„Очигледно дека медиумите се вклопија во вкупната атмосфера на игнорирање на темата за родова еднаквост при што, ја игнорираат и својата еманципирачка улога, не само за оваа тема, туку и за многу други. Не промовираат доволно прогресивни и демократски вредности. Според мене, тие не европеизираат, не наметнуваат самите теми кои во нашата средина се проблематизирани, а не се политика и само политика. Медиумите имаат важна улога во формулирањето на свеста на публиката што потоа се рефлектира низ многу други општествени сфери. Поради тоа, треба да предничат и да влечат напред со прогресивноста“, истакнува таа.
А од каде потекнува присуството на родовите стереотипи во медиумите?
Георгиевска вели дека коренот повеќе треба да се бара во незнаењето, а не во невнимателноста. Според неа, треба да се земе предвид и целокупната програма, а не само новинарските извештаи.
„За мене е речиси невозможно од еден телевизиски канал што во голем дел од својата програма емитува турски серии во стотици продолженија кои промовираат исклучително конзервативни вредности, како од 19 век со омаловажување на жената, да се очекува во другиот дел од програмата на пример, во вестите или во дебатите, да продуцира еманципирачки содржини кои промовираат политичка коректност во секој поглед. Би било многу дволично и неискрено. Тука некаде го гледам коренот на родовите стереотипи во медиумите“, истакнува извршната директорка на СЕММ.
Во меѓувреме, она што медиумите го овозможуваат, социјалните мрежи го зголемуваат.
Миленковска укажува дека штом медиумите користат сензационалистички јазик, онлајн коментарите стануваат понасилни и полни со говор на омраза.
Но и говорот на омраза може да се адресира без да се ограничи правото на изразување.
Како да се избориме против коментарите и објавите кои промовираат култура на насилство, ја прашавме Миленковска:
„Профилите на социјалните мрежи можат да се модерираат на начин на кој ќе се развива соодветна дебата, а не да се креира дополнителен простор за навреди насочени кон политичарките. Родовите стереотипи не само што се зацврстуваат туку и се разоткриваат“, вели Миленковска.
Според неа, постојат повеќе начини низ кои како општество треба да се бориме против културата на насилство врз жените:
„Повеќето од нив веќе се споделени низ нашите препораки на анализата, но би ги одвоиле потребата за соодветна едукација, односно родовосензитивно образование, кое уште од старт ќе придонесе кон сузбивање на родовите стереотипи; совесно и етичко известување на медиумите со што и самите ќе ги надминат родовите стереотипи, односно каде поважно ќе им биде на медиумите што пишуваат, отколку да добијат повеќе кликови“.
Анализата укажува дека иако преовладуваат навредите кон политичарките поради возраста, нападите сепак доаѓаат на повеќе нивоа.
„Ејџизмот, како форма на дискриминиација врз основа на возраст преовладуваше, но говорот на омраза се прелеваше и низ напади кон нивниот изглед, однесување, ментална состојба итн. Реториката и нормализираната кулутра на насилство – се огледало на целокупното општество, многу е важно да се напомене дека иако многу често постои претпоставката дека сексистичките коментари доаѓаат од анинимни генерирани ботови, сепак реалноста е друга“, посочува авторката на документот.
Јавната реторика како „стимул“ за родово-базирано насилство
Таа вели дека недоличните коментари доаѓаат од сограѓани и гласачи кои и тоа како постојат, и ги делат ставовите дека жените треба да се надвор од политиката.
„Многу е значајно да се направи соодветно поврзување, дека реториката влијае врз политичкото насилство и родовобазираното насилство. Колку повеќе се охрабруваат повици на насилство кон жени во коментарите на социјалните мрежи, толку не треба да нѐ чуди како граѓаните и во реалноста, надвор од дигиталниот свет, се насилни кон жените“, објаснува Миленковска.
Таа посочува дека и традиционалните медиуми сѐ повеќе се дигитализираат, па така нивните содржини се пренесуваат и на социјалните мрежи.
„Токму затоа и традиционалните медиумите треба да се развиваат во насока на очекувањата на платформите како Фејсбук, Инстаграм, ТикТок итн. Особено во контекст на тоа како соодветно да развиваат дискусија и да ја модерираат истата. Традицоналните медиумите исто можат да придонесат преку подобро и сеопфатно известување со цел да ја надполнат сликата која неретко ја искривуваат онлајн медимите кои се нецелосно регулирани и знаат да ја креираат во однос на родови стереотипи“, истакнува Миленковска.
А за традиционалните медиуми да го подобрат известувањето, потребна е внимателност кај новинарите.
На тоа алудира и Советот за етика, чија извршна директорка Георгиевска смета дека самите новинари треба да имаат и знаење и желба за да се надградат.
„Свесни сме дека целиот Западен Балкан воопшто, не може да се пофали со доволна еманципираност и политичка коректност, почитување на човековите права и така натаму. Јавни дебати се потребни, но со примена на правила за еднаква застапеност на гостите и еднаков простор за сите, со инсистирање кога се бараат соговорници за одредени емисии дека е важна родовата рамнотежа, а не жени соговорници само да гледаме како и досега на Осми март“, додава таа за ММС.
Медиумите не само што треба да внимаваат на застапеноста на жените во нивните програми, туку и да дадат осврт на недостатоците во општеството кои ја уназадуваат положбата на жената – едногласни се нашите соговорнички.
Токму новинарите се тие кои треба да ја наведат фактичката состојба за родовата еднаквост и да потсетат на стандардите на светските организации.
„Оваа тема треба да се нагласува во секојдневното известување. Имавме на пример, партија која излезе на избори со мото Европски фронт, а немаше ниту една жена на чело на кандидатските листи. Понатаму, одново се состави влада со 21 маж и 3 жени во владиниот кабинет, а и порано не беше претходно. Не е постигната целосна еднаквост ниту со бројот на пратенички во Собранието. Овој приказ како бекграунд на дневните извештаи навистина е потребен постојано“, заклучува Георгиевска.
Но запирањето на навредите кон жените кои влегле во политичкиот свет и казнивноста на насилството кон нив, не е нешто со кое треба да се справуваат само медиумите. Напорите за подобрување на ситуацијата доаѓаат токму од политичкиот свет, од лидерите кои со внимателно избрани зборови треба треба да ги афирмираат политиките на еднаквост.
„Потребна е јасна позиција за родовата еднаквост и правда на сите политички партии особено на оние кои се на власт, за да граѓаните и граѓанките директно знаат за што се залагаат. Но, тоа не е пракса во реалноста, низ анализата може да се види дека терминот родова еднаквост ретко е користен во контекст на зајакнување на позицијата на жените, особено од сега веќе владеачките партии. Дополнително се провлекуваат и антиродови наративи, каде преку користењето на родови мисинформации наместо да придонесат кон политики за еднаквост, тие креираат поголемо антагонизирање на овие концепти, преку популистички пристап“, порачува Миленковска за крај на разговорот.
Анализата во чија изготовка учествуваше самата таа, исто така укажува на недоволните напори на властите да се справат со родовите стереотипи. Ваквите наводи беа и дел од заклучоците од набљудувањето на ОДИХР на двојните избори.
Набљудувачите укажаа на недоволна застапеност на различни избрани и именувани позиции, во комбинација со случаите на притисоци и онлајн-напади врз политичарки, што значи и недоволни напори на властите и политичките партии да се справат со трајните родови стереотипи што го попречуваат учеството на жените во политиката.
Она што го забележа извештајот на ОДИХР, е дека прашањата поврзани со родовата еднаквост во голема мера беа занемарени во дискурсот на кампањата, со исклучок на претседателската кандидатка поддржана од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Во повеќето други настани, референциите поврзани со жените се однесуваа на нивните улоги во рамките на семејството, на тој начин одразувајќи ги долгогодишните родови стереотипи и дискриминација на нетрадиционалните семејства – нотира анализата на ИКС.
Вања Мицевска