Целосно ослободување од надоместокот за приклучок на гасификационата мрежа во износ од 46.943 денари по домаќинство е една од мерката со која Општина Струмица влегува во борбата за почиста животна средина. По принципот „прв дојден прв услужен“ сто домаќинства од Струмица ќе може да добијат средства од општината и да добијат бесплатен приклучок за гас.
Струмица со години го има гасот како алтернативни гориво што го користат институциите, но и домаќинства, но со цел почист амбиентален воздух, објавен е и овој повик до граѓаните, за што Општината Струмица од својот буџет ќе оддели 5 милиони денари.
Градоначалникот Костадин Костадинов ги повика граѓаните да аплицираат за општинската субвенција.
-Првата мерка – директно субвенционирање на цената на гасот од 10 денари по метар кубен гас, ќе остане важечка, а на годишно ниво ќе определуваме 5 милиони денари како трансфер до „Струмица гас”, а граѓаните ќе треба само да ги заменат дрвата и пелетите со приклучок на гасификационата мрежа и како доказ да достават една платена фактура за да ја добијат субвенцијата. Оваа мерка ќе ја реализираме по принципот прв дојден прв услужен по објавувањето на Јавниот повик од страна на Советот на општина Струмица. Апелирам и мотивирам што поголем број граѓани да ги искористат овие бенефиции што ги нудиме. Природниот гас е најдобрата инвестиција којашто ја има Струмица и да ги искористиме нејзините благодати за почист воздух и поздрава животна средина, рече градоначалникот Костадинов.
На седницата на Советот на општината во понеделник, оваа мерка ќе биде пред советниците. Директорот на ЈПЕД „Струмица гас”, Благој Милановиќ излезе со пресметка за заштедата на домаќинствата од приклучувањето кон гасоводниот систем.
Според Милановиќ, заштедата само за загревање на санитарната вода на гас за едно просечно домаќинство е 9000 денари.
-Цената на гасот во последните три месеци е непроменета и стабилизирана и сега еден киловатчас се наплаќа по 5,21 денари, односно со субвенцијата од Општината таа изнесува 4,3 денари. Инвестицијата која граѓаните треба да ја направат за да се префрлат на природен гас ќе им се исплати за неколку години и е поисплатлива од другите енергенси, изјави Милановиќ.
Со можноста за субвенционирање, сто домаќинства во Струмица ќе добијат речиси толку средства, колку што годишно би издвојувале за целосно загревање на домовите со гас.
Струмица е една од ретките општини со повеќе програми за субвеционирање на граѓаните. општинските пари што се наменети за субвенционирање на граѓанските потреби одат за купување велосипеди и опрема, субвенционирање на цената на гасен приклучок, уредување на дворните места, а како субвенција се смета и ослободување од плаќање за комунални услуги за социјално ранливите семејства.