Основен кривичен суд Скопје денеска преку соопштение информира дека се одбиени како неосновани приговорите на одбраната на обвинетите за случајот со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и обвинителниот акт се прифаќа во целост.
-Советот за оценка на обвинителен акт со КООА 83/24 против обвинетите: В.М., Б.В. и В.К. обвинети за по две кривични дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл. 22 од КЗ и чл. 123 ст. 2 т.1 и т.4 в.в со чл. 22 од КЗ како и две кривични дела – Грабнување од чл. 141 ст.2 в.в. со ст.1 и в.в. со чл. 22 и чл. 141 ст. 1 в.в. чл. 22 од КЗ, и обвинетиот А.Ѓ. обвинет за едно кривично дело Грабнување чл. 141 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл. 24 од КЗ, а поврзано со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж. во ноември минатата година. По разгледување и ценење на актот како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое – Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а Обвинителниот акт се одобрува во целост, соопштуваат од Кривичен суд.
Посочуваат дека врз основа на одобрениот обвинителен акт, се формира кривично – правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, за што, како што велат, ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена.
Од Кривичен суд наведуваат дека постапката против прво осомничениот за двојното убиство – Љ.П. е се уште во фаза на обвинителска истрага.
Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Продолжува истрагата за две лица – едниот од нив е првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој неодамна беше екстрадиран во земјата, по бегството во Турција.