Патниците кои во саботата со автобус на „Македонија сообраќај“ на редовната линија од Софија за Скопје се враќале дома доживеле вистинска голгота. Велат дека автобусот ќе им се запалел, па еден и пол час на сред пат кај селото Псача чекале комби од Скопје да дојде да ги превезе, а поради голем дефект автобусот го оставиле кај селото.
-Ова не е прв пат „Македонија сообраќај“ да ги малтретира патниците, вели патничката.
Таа за ММС објасни дека сите патници биле револтирани, па во нивно име кога конечно после полноќ стасале во Скопје до дирекцијата на Македонија сообраќај и до нивниот партнер фирмата Калеа од Софија веднаш реагирале со мејл.
Но, според неа до сега од компаниите немаат никаков одговор.
-Ова го кажувам во име на 10-те патници кои во саботата, на 29.6.2024 година, беа во автобусот од Софија за Скопје. Од Софија тргнавме во 17:30 часот и веднаш сфативме дека не чека долго патување. Имавме ужасно искуство со „Македонија сообраќај“, иако ова не е прв пат. Па и жолтиот и белиот автобус се во многу лоша состојба и претставуваат сериозна опасност, вели таа и додава:
-Прво во втобусот немаше клима, а температурата беше над 33 степени. Возачот на автобусот беше целосно црвен и вознемирен од жештината и ситуацијата, а и ние тешко можевме да дишеме внатре. Додека одевме накај граница се слушна ужасно тропање, а ниту ние, ниту возачот немавме поим од каде доаѓа тропањето. Претпостави дека се работи за некој лагер. Но, автобусот греел и моравме да застанеме на граница да чекаме да се олади. А и вратата за багаж воопшто не е безбедна, вели патничката.
Таа објасни дека вистинската голгота ја доживеале кога ја поминале границата, на околу 20тина километри од Деве Баир.
– Најлошото се случи на 20тина километри после граница, кај селото Псача. Човек кој возеше зад автобусот го запре возачот да му каже дека издувната цевка, односно ауспухот е скршен, се влече по асфалтот и фрла искри. „Застани, ќе се запалите“, му рече човекот на возачот. Возачот застана, го виде проблемот, виде дека толку беше возењето во автобусот и повика помош. Час и половина чекавме среде пат комбе да дојде од Скопје, да не земе и да не вози до Скопје. Иако ветија дека ќе дојде за 40 минути. Шоферот што дојде околу 23 часот, беше уморен бидејќи тоа му беше неочекувана дополнителна обврска. Бевме гладни, жедни, а и тешко дишевме поради немање вентилација во автобусот. Тоа беше жолтиот втобус од далечната 2009та со кој сме оделе на апсолвентски екскурзии , а и белиот автобус, во кој исто така сум се возела, се распаѓаат и претставуваат сериозна опасност, вели патничката.
Револтирани патниците се договориле да бараат оштета и конечно решавање на овој проблем од страна на „Македонија сообраќај“. Им напишале мејл, но од компанијата до овој момент немаат никаков одговор. Тие ја опоменале и другата фирма од Бугарија-Калеа, со која заеднички ја одржуваат редовната линија Скопје-Софија-Скопје.
– Бараме надомест, имаме список на патници и опоменуваме тие автобуси да се сменат, односно што поскоро да се исклучат од сообраќај пред луѓето да бидат повредени. Се чудиме како овие автобуси поминуваат технички преглед. Замислете дури и полицијата и цариниците на границите беа збунети, како овие автобуси минуваат технички преглед и зошто се користат за меѓународен превоз, вели патничката.
. А за воља на вистинита, додав а таа, ова не е единствениот проблем. Имало ситуации кога шоферите заборавале документи, на пример зелен картон, па не враќале од граница до Ќустендил да набавиме зелен картон или кога се расипувале автобусите, па пешки сме поминувале граница и сме чекале некој да не преземе. Имало ситуации кога и наши и странски државјани испуштаат летови или ги пропуштаат автобусите до градовите каде треба да стигнат после Скопје. ,,Треба ли да се случи ново Ласкарци, па тогаш да се свестат,” велат револтирано патниците.
ММС со мејл се обрати до „Македонија сообраќај“ во врска со овој проблем, но од таму до објавување на текстот нема никаква реакција.
(В.М.)