Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, на денешниот брифинг со претставници на медиумите информираше дека во следниот период приоритет е осовременување на позитивната листа на лекови и како новина е имплементирањето национална фармацевтска политика со посебен фокус на квалитет и достапност на фармацевтските производи.
-Чекам само директорот на Фондот да се назначи и по 15 години ќе излеземе со нова позитивна листа која повремено ќе биде апдејтирана. Мислам дека таа листа треба да се обновува секоја година меѓутоа ќе излеземе и со нов закон за лекови со кој ќе обезбедиме квалитетни лекови во државата, но истовремено ќе побараме и рационално користење и припишување на лековите. Ни треба период со експертите, можеби и со претставници од сите поголеми политички партии здравствени комисии да седнеме да направиме еден закон кој што ќе биде одржлив и прифатлив за сите во периодот да речеме за следните десет години, рече тој и го посочи случајот „Онкологија“.
-Не би сакал да размислувам или да верувам дека има полно онкологии низ Македонија, така да ќе треба интензивно да работиме и на дигитализација на здравството. Евентуално да се стават кодови во лековите за да имаме комплетна контрола и да има заеднички информатички систем за приватните и државните јавни установи, стоматолошките, фармацевтските, а тука ги вклучувам и лабораториите, комплетно се да биде дигитализирано и под контрола, рече Таравари
Министерот Таравари информираше дека во владина процедура се доставени и законските измени за укинување на економските директори во универзитетските клиники, а се осврна и на спојувањето на клиниките во еден клинички центар, со што тенденцијата е да се намали бројот на директори и членови на управни одбори.
-Посебно внимание во следниот период посветуваме на регионализација на здравствените услуги и на мотивирање и стимулирање на докторите од клиниките да работат во болниците во другите градови. Исто така, планираме стратегија во соработка со Медицинскиот факултет за стимулирање на докторите да се запишуваат на дефицитарните специјализации, како што се педијатрија, анестезиологија, радиологија и друг дефицитарен кадар, рече министерот Таравари.Во моментот се работи и на изнаоѓање решение за дигитализација во здравството, како и за унапредување на дигиталната инфраструктура.