Полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар. Веќе е објавен тендер за компересорите кои не работат – изјави денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.
Тој рече дека салите би требало да се вратат во функција максимум до крајот на декември.
Во меѓувреме, салите ќе работат со надворешни компресори со истото темпо како и досега.
На денешната средба со новинарите, Таравари нагласи дека ќе се прави организација и координација итните операции да се вршат во ГОБ „Осми септември“ и во Старата градска болница во Скопје, за да не чекаат пациентите подолго период.
Прашан околу реновирање на хируршките сали на ГОБ „8 Септември“, тој кажа дека таму не бил но оти слушнал оти салите не се во добра состојба.
– Дефинитивно и во Клинички центар јас кога бев во салите, навистина не изгледаат добри. Во „8 Септември“ не сум бил да ги видам салите, меѓутоа ми кажуваат дека и таму не се во добра состојба. Меѓутоа, морам да се консултирам и со финансии да видиме како стоиме со финансиски средства. Ако добијам дозвола, јас се надевам дека што побргу што можам, не можам да кажам рок сега, бидејќи ми треба да видам што се можностите. На Клинички центар ќе се обидам што побргу и на „8 Септември“ доколку имаме начин некако да се менаџира плаќањето во неколку години ќе инсистирам и таму да завршиме или да започнеме со реновирање, одговори Таравари.
Министерот изјави дека до петок ќе каже кој ќе биде нов директор на ГОБ „8 Септември“. Прашан за доктор Танер Хасан, Таравари рече дека тој најверојатно ќе биде директор на Клиниката за ендокринологија, но тоа сѐ уште не е дефинитивно.
На средбата со новинарите Таравари најави модерно здравство, инвестирање во дигитализација, промоција на здрав живот, имплементација на национална фармацевтска политика. Модернизацијата на јавните болници ќе опфати надградба на инфраструктурата и технологијата за подобрување на квалитетот на грижата, намалување на времето на чекање и подобрување на исходите за пациентите.
– Подобрување на инфраструктурата на јавните здравствени устаннови, со акцент на Штипската болница, Кичевската болница, „Свети Еразмо“ – Охрид и секако разгледување на целосната документација и досегашни предлози за новиот клинички центар, информираше министерот.
Во план е целосен скрининг на достапната медицинска опрема за јавните здравствени установи, како и набавка на нова опрема со цел децентрализација на медицинската услуга, како на пример, набавка на опрема за операции, за офталмолошки контроли, ОРЛ тонзили… Се размислува и за подобрување на итните медицински услуги, подобрување на инфраструктурата со подобра опрема, повеќе амбулантни возила и напредна обука за парамедици за да се осигура брза и ефикасна итна реакција.