Приказната за Стела Морис е како шпионско-романтичен филм. Се омажила за затвореник, двапати забременила под нивниот шатор во Амбасадата и ги криела пелените на своите деца затоа што, како што вели – ЦИА сакала да дојде до ДНК од нив.
Џулијан Асанж е ослободен од затворот во Лондон, откако се договори со американските власти да се изјасни за виновен за прекршување на Законот за шпионажа на САД, во замена за сите други обвиненија против него да бидат отфрлени и тој да биде на слобода. Асанж, кого Американците со години го бараа под обвинение за шпионажа, претходно беше во егзил во Амбасадата на Еквадор во Лондон, а потоа помина пет години во строго обезбедуваниот затвор „Белмарш“ во британската престолнина.
Откако конечно пристигна во родната Австралија, на аеродромот го пречека неговата сопруга Стела. Следи нејзината приказна…
Стела ја запознала љубовта на својот живот, но не кажала никому за тоа. Потоа имала и деца со него, но не можела ниту за тоа да каже никому, дури ни на најблиските пријатели – кој е нивниот татко, бидејќи тоа може да го загрози целото семејство. И тогаш конечно му откри сè на светот – само за да ја спречи неговата екстрадиција од Лондон во САД каде што на Асанж му се закануваше затворска казна до 175 години.
Стела и Џулијан шест години успевале да ја кријат својата врска од јавноста. Кога се дозна дека имале две деца додека тој престојуваше во Амбасадата на Еквадор, поголемиот син Габриел имал речиси три години, а помалиот Макс – една година.
– Бев во Амбасадата каде што властите беа непријателски настроени кон Џулијан. Му се закануваа дека ќе го протераат. Имало и членови на обезбедувањето кои тајно работеле за ЦИА. Ми рекоа и да не го носам бебето таму бидејќи не е безбедно, а и на мајка ми ѝ се закануваа. Па, како да седите и да разговарате за тоа со вашите најдобри пријатели преку „Мартини“, раскажува Стела.
Во меѓувреме, таа го променила и своето име за да се заштити себеси и своето семејство.
Имено, Стела Морис порано се викала Сара Гонзалес Девант. Родена е во Јоханесбург, Јужна Африка, и живеела во Боцвана, Лесото, Шведска и Шпанија пред да оди на универзитет во Велика Британија. Нејзиниот татко е Кубанец, архитект и уметник, а мајка ѝ е Шпанка и е театарска режисерка. Кога првпат го запознала Асанж во 2011 година, таа била млада, 28-годишна адвокатка. Верувала во „Викиликс“ и во тоа дека таа непрофитна медиумска организација ја разоткрива корупцијата и воените злосторства на начин каков што дотогаш не бил виден. Како стручњак за меѓународно право, таа е ангажирана како дел од правниот тим на Асанж.
Официјално го променила своето име во Стела Морис во 2012 година. Тоа, се чини, е инспирирано од „Стела Марис“ – еден од латинските називи за Дева Марија. Денес, вели, сите ја нарекуваат Стела освен нејзините родители.
Адвокатката и клиентот брзо откриле дека имаат многу заедничко. И двајцата, вели, верувале во слободата на информирање, оти биле слично воспитани.
– Мислев дека тоа е убава случајност. Тоа не е комбинација којашто често се среќава, рече Стела во една прилика. – Тој беше фасцинантен од самиот почеток. Имаше многу интензивен изглед. Не прави празни муабети. А, сакаше да знае од каде сум. Денот кога го запознав, разговаравме два часа. Му кажав за мојот живот. Џулијан не е како никој што сум го сретнала. Тој е многу директен, привлечен, паметен, љубопитен, додаде таа.
Кога по неколку години дознала дека е бремена, морале да бидат уште подискретни. Својата бременост ја криела во широка облека и со лагите дека се здебелила.
Кога го родила својот прв син, го донела и во амбасадата. Стела објаснува како во 2017 година „Американците се обиделе да добијат ДНК од пелената“, вели, за да дознаат дали Асанж е таткото на Габриел, но не успеале во тоа.
Во ноември 2018 година, таа престанала да оди во Амбасадата. Била бремена со нивното второ дете и се плашела дека доколку биде откриена, тоа ќе биде искористено како повод за протерување на Асанж од Амбасадата. Се обидела да одржи средба по раѓањето на Макс, но не ѝ било дозволено да влезе во дипломатската институција. Следниот пат кога Стела го видела Џулијан – бил во затворот „Белмарш“, пет месеци подоцна. Тука и се венчале – во затворот.
– Ми беше тешко како самохрана мајка, но семејството ми помогна многу, вели Стела.
Џулијан ги гледал своите синови во затворот, а нејзината лојалност кон него, вели, е апсолутна. Прашана, дали го гледа Асанж во нивните синови, Стела вели:
– О, да. Тие се тврдоглави. Со силна волја. Но, претпоставувам дека тоа веројатно важи и за мене. Да, го гледам многу во нив.
Пред ослободувањето, Стела не им кажала на децата дека нивниот татко ќе биде ослободен. Како што вели – никој нема да може да ги спречи пет и седумгодишното момче да викаат со полни бели дробови, кога ќе дознаат за тоа.
МИА