„Ќе ги почитувам Уставот и законите“ – дел до искажаните реченици од заклетвата на новиот премиер и министрите. Но дали првиот вицепремиер е според закон – уште еден дезинформациски наратив. Економската директорка на Токсикологија, Бесија Илјази, според тврдењето на политичар била сменета од функцијата само поради тоа што била Албанка. Во Топ дезинформации на неделата откриваме дезинформации и факти за камерите кои снимаат и казнуваат по Скопје, погледнавме и во дезинформациските наративи врзани со сајтот на македонската претседателка и употребата на уставното име. За крај и за дезинформациите по европските избори – дали навистина овие избори покажаа дека Европската унија се распаѓа, а западните земји се лоши за живеење.
Дезинформација 1: Прв вицепремиер е законска категорија
Дали е според закон функцијата Прв вицепремиер во македонската влада? Оваа пракса ја востанови владата на Зоран Заев во 2020 година, кога го промовираше Артан Груби како прв вицепремиер. Оваа новина во тоа време, го следеше политичкиот систем во Косово, каде во владата има Прв вицепремиер. Сега и новата владата поставува Прв вицепремиер, во името на коалиционерот Изет Меџити. Меѓутоа, факт е дека законот не познава ваква позиција. Ова го потврди и новиот премиер Христијан Мицкоски.
– Според законот кој што е важечки Владата односно премиерот има заменици, а договорот којшто го имаме во рамките на коалицијата џентлеменски е да има прв вицепремиер и тоа ќе биде господинот Изет Меџити. Но тоа е надвор од законот. Законот вели односно подразбира само заменици на претседателот на Владата. Тоа што досега е работено на диво и незаконски, тоа нема да биде пракса во работењето на оваа Влада. Но, да џентлменскиот договор во рамките на нашата коалиција и во рамките на нашето функционирање е таква, изјави Мицкоски.
Според тоа, прв вицепремиер, за разлика од косовскиот закон во македонскиот закон не постои, односно е незаконски.
Дезинформација 2: Камерите „ловат“ и трупаат казни
Предупредувања дека снимаат и казнуваат камерите по улиците и булеварите на Скопје продолжуваат да кружат по социјалните мрежи меѓу македонските корисници, а всушност, тоа е пренесување на информацијата за тест периодот на поставениот систем. Веста беше дека за два часа се забележани 5.000 сообраќајни прекршоци. Тоа практично значи дека доколку камерите се во функција, бројот на прекршоци на возачите теоретски би бил десеткратно поголем.
Системот се’ уште се поставува. До крајот на летото, според најавите се очекува камерите кои ќе ловат прекршоци, да бидат функционални, кога на некој од нас, казна со фотографија од прекршокот ќе му стигне на домашна адреса.
„Новите камери кои се поставуваат во Скопје се во рамките на проектот „Безбеден град”, кој има за цел зајакнување на сообраќајната безбедност, а откако ќе бидат поставени, ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци. Камерите сѐ уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект, јавноста соодветно ќе биде известена. За сторени сообраќајни прекршоци ќе се применат одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, одговорија од МВР.
Но, за камерите да биде функционални, треба да има и други законски измени во Собранието, со кои ќе се регулира приватноста на граѓаните. Исто така ќе треба да бидат донесени и други подзаконски акти со кои ќе се регулира начинот на документирањето на прекршоците, известувањето на возачите – прекршители, односно регулирање на останатите отворени прашања за уредување на целиот систем. Според тоа, дезинформација е дека почнало казнувањето, како што се тврди во објавите.
Дезинформација 3: Бесија Илјази е сменета поради антиалбанскиот менталитет во институциите
Претседателот на Европската демократска партија, Аријанит Хоџа, по смената не 10 економски директори, излезе со став дека Бесија Илјази е сменета од функцијата поради тоа што е Албанка односно поради антиалбанскиот менталитет во институциите и дека таа била нападната поради користењето на албанскиот јазик во водењето на институцијата. Илјази е сменета од министер Албанец, Арбен Таравари, кој во два дена потпиша решенија за разрешување на 10 економски директори, од кои најголемиот дел се Македонци. Таравари решенијата ги достави во склад со новата програма на владата, каде се укинуваат местата економски директори во здравствениот систем.
Дезинформација 4: „Северна“ може да се најде на сајтот на Претседателката
Во ова издание на Топ дезинформации на неделата и за пишувањата, придружени со фотошопирана фотографија дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова го користи името Македонија, додека на веб-страницата стои Северна. Тоа не е точно, бидејќи никаде на страната, на ниту еден јазик не е наведено уставното име на државата „Република Северна Македонија“.
Дезинформација 5: ЕУ се распаѓа и се гуши во нејзините (не)вредности
Изборите за европските институција донесоа бројни дезинформации, кои имаат за цел да ги поткопаат европските вредности, ги искористија резултатите од изборите да ги нападнат лидерите на клучните европски земји, како Франција и Германија, но и европските институции, Овие дезинформации имаат за цел да сеат недоверба и незадоволство преку искористување на постоечките политички прашања и поткопување на кредибилитетот на ЕУ. Вообичаената тактика за дезинформација е да се прикаже ЕУ како нефункционална и марионета на Вашингтон, користејќи јавни демонстрации и екстремна реторика за да се создаде илузија на широката европска поддршка за руската политика. Популарните теми за сеење недоверба беа поддршката на Западот за Украина, трошоците за живот и санкциите на ЕУ против Русија. Се користи и нуклеарното прашање за да влеат страв. Овие напори се обидоа да ги нарушат и дискредитираат изборите и поширокиот систем на ЕУ.
Јадица со Пандора
И за крај од Топ дезинформации на неделата, информација за нова јадица за собирање на лични податоци и трансакциски сметки преку лажна продажба на популарните нараквици на Пандора со превезок за 125 денари за лојални купувачи. Се работи за FB страна со само неколку објави од пред 22 часа, има телефонски број, кој не постои, додека во коментарите на наводно задоволни Македонки профилите се лажни со ниту еден пост на нив. Секогаш размислете, дали информацијата е логична и има врска со реалноста. Потсетуваме на неколку правила кога пристапувате на вакви информации:
Бидете скептични, проверете го датумот и изворот на информацијата, проверете ја информацијата преку верификувани односно примарни извори, анализирајте ги деталите и внимавајте на податоците.
В.К.
Овој материјал е подготвен од страна на Радио Канал 77 во рамките на проектот „(Де) Информирај ме!” поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.