Две лица, татко и син, се уапсени во Германија, осомничени дека се обиделе да го уценат семејството на легендата на Формула 1, Михаел Шумахер, соопшти обвинителството во Вупертал.
Таткото на 53-годишна возраст и неговиот 30-годишен син, по потекло од Вупертал, на соработниците на семејството на Шумахер им кажале дека имаат информации кои не би сакале да бидат објавени во јавноста, се вели во соопштението на обвинителството.
За да го спречат ширењето на тие податоци на даркнет, уценувачите побарале неколку милиони евра од семејството Шумахер, соопшти обвинителството, без да прецизира за какви податоци станува збор. Полицијата ги уапси минатата среда на паркинг на супермаркет во близина на Франкфурт. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува казна затвор до пет години.
Шумахер (55) е еден од најуспешните возачи во историјата на Формула 1 со седум титули (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003, 2004), 91 победа и 155 пласмани на подиумот.
Тој се здоби со тешка повреда на главата на скијање во декември 2013 година и оттогаш не е виден во јавноста. Шест месеци беше во индуцирана кома, од која беше разбуден во јуни 2014 година, а во септември истата година беше пуштен на домашно лекување и оттогаш нема информации за неговата состојба.