Синдикат на полиција на Македонија (СПМ) на првиот ден од изборот на новиот премиер, веднаш му се пжали на Христијан Мицкоски и побара да ги реши незаконските постапувања во МВР.
Во писмото упатено до Мицкоски се вели:
-По реакција на поголем број наши членови и вработени во МВР за незаконско постапување изминатиов период во Министерството за внатрешни работи решивме да реагираме писмено преку Вас и Владата со надеж дека во најбрз можен рок ќе преземете мерки со цел отстранување на сите незаконитости поврзани со распоредувања и унапредувања изминатиов период во МВР.
Станува збор за стотина решенија за унапредување/распоредување за кои сметаме дека се незаконски изготвени. Имено, од денот на донесување Одлука за распишување на избори до завршување на избор за пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија постои законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во Министерството за внатрешни работи согласно одредбите од Изборниот законик, Законот за спречување на корупција и други позитивни прописи.
Согласно наведеното бараме на некои од наредните седници на Владата да се поништат сите незаконски решенија за распоредување и унапредување донесени од страна на довчерашниот Министер за внатрешни работи, поаѓајќи од фактот посебно што унапредувањето се смета како „ново“ бидејќи има финансиски импликации – повисоки плати.
Исто така Бараме да се направи и целосна ревизија на донесените незаконски решенија на поранешниот Министер за внатрешни работи Спасовски посебно за период од 12 месеци наназад од неговиот мандат водејќи се од нашите сознанија дека голем дел од донесените решенија за распоредување и унапредување се спротивни на одредбите од Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР и истите да бидат поништени согласно Закон.