Претставата „Демони“ од Фјодор Достоевски, во режија на Дејан Пројковски беше прогласена за најдобра претстава на сезоната откако беше претставена во Националниот театар во Дебрецен, Унгарија. Специјалната награда ја додели директорот на театарот, Mátyássy Szabolcs на свечена церемонија што се одржа на 20 јуни.
„Демони“ на Пројковски беше поставена на крајот на април во Националниот театар во Дебрецен, Унгарија. Покрај режијата на Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев, драматизацијата на Сашо Димоски а музиката на Горан Трајкоски.
-Навистина ми е драго што „Демони„ ја доби оваа престижна награда. Да се работи Достоевски навистина е голем предизвик, а уште поголем предизвик и чест е да се соработува со прекрасниот ансамбл на театарот во Дебрецен. Поминавме креативен процес, отворивме многу дилеми, нурнавме во тајните на човечката душа. Беше како една патување низ срцето и душата, изјави Дејан Пројковски.
Исто така, во март годинава Пројковски ја доби Меѓународната награда за режија на деветтиот Интернационален театарски фестивал кој се одржува во Истанбул, Турција. Наградата ја доделува најголемото и најпрестижно списание за театарска уметност „Тијатро“ во Турција.
Минатата година претставата „Ана Карењина“, заедно со уште една претстава на Пројковски, „Ричард трети“, беа дел од 10-то издание на светската Театарска олимпијада во Унгарија.
„Ана Карењина“ досега има освоено над 40 награди и е прогласена за најнаградувана претстава во историјата на Новосадскиот театар. „Ричард трети“ на 35. издание на Фестивалот на унгарски театри кој се одржува во Кишварди, доби две награди и тоа Гран при, најдобра претстава во целина и наградата за најдобра машка улога.
Во листата на награди за Пројковски се и Наградата за најдобра режија за „Ричард трети“ според Belgrade Edt Culture, „Дон Жуан“ беше избрана за најдобра претстава во целина во Хрватска, претставата „Ромео и Јулија“ ја доби највисоката театарска награда во Турција, своевиден театарскиот „Оскар“.
Во ноември минатата година, во Српско Народно Позориште во Нови Сад, Пројковски го постави култниот текст „Скупљачи перја„ на Александар Петровиќ, а по драматизација на Сашо Димоски.
Последната премиера на Пројковски во државата беше на крајот на минатата година во Драмски театар, „Падот на Масада„ по текст на Венко Андоновски, додека во велешкиот театар се играат претставите „Нема струја за електричниот стол“ и „Инферно“.