По долго размислување храбро се одлучив да поднесам кандидатура за претседателка на СДСМ, зад мене не стои ниту еден поранешен претседател затоа што не сакам да сум ничија продолжена рак и затоа сум во голема предност пред другите кандидати, немам багаж, а имам интегритет, истакна денес Славјанка Петровска во најновото издание на „Стадион“ на Канал 77.
Како што кажа таа, нема да прави компромиси за непринципиелни коалиции, ниту пак дека е бизнис ориентирана, па пред јавноста вети дека ќе направи се за СДСМ да успее.
- Првиот чекор кој мора да се направи е СДСМ да излезе од сенката на историски најслабиот резултат. Предизвикот како идна претседателка е голем, бидејќи за нови промени неопходни се реформи од темел. Ги уверувам сите членови на партијата дека немам договори, а ниту преговори со било кои претходни лидери. Влегувам сама во битката за претседател, затоа што сметам дека имам јасна визија за ново поглавје во оваа партија, без било какви валкани игри“, уверува Петровска.
Според кандидатката за претседателка на СДСМ, еден од главните проблеми е тоа што политичкото дејствување како партија во изминатиот период било изоставено. Петровска потврди дека е во добри односи со сите претходни лидери на партијата, но и дека остварила индивидуален состанок со секој од нив.
- Имав состанок со претходните лидери на СДСМ, но не за да барам поддршка, туку со цел да го испочитувам нивниот придонес и труд во нивните мандати. Од сите нив побарав совет за подобро утро на партијата, бидејќи во СДСМ не било секогаш вака црно. Мора да ја вратиме довербата кај граѓаните, кај кои ја загубивме довербата поради несанкионирањето и неказнувањето на одредени работи кои беа очигледни, а на кои замижавме, потенцира Петровска.
Таа истакна дека веќе има модел за назначување на нови претседатели и потпретседатели во партијата, а со цел да се направи децентрализација на моќта во кадровската политика кај претседателот и луѓето околу него.
„Членството нема да биде само бројка, туку ќе биде дел од носењето на клучните одлуки во партијата, како во кадровската политика, така и во надворешното делување на политики, реформи и одлуки. Со ваквиот ангажман на членството, секој симпатизер на партијата ќе се чувствува корисен и ценет, уверува Петровска.
„Стадион“ се емитува во живо и може да го проследите на линкот подолу: