„Никогаш доста“, „Збогум најмила“, „Една љубов имам“, „Цветај расцветај“, „Ден по ден“… само дел од хитовите кои ја одбележаа 30-годишната кариера на Ѓоко Танески. Токму овој голем јубилеј е повод за неговиот солистички концерт насловен „Најдоброто од Ѓоко Танески“ закажан на 20 јули во Античкиот театар во родниот Охрид на пејачот.
Го нарекуваат човек глас, пејач со глас како од Бога даден за опејување на можеби најубавите балади… глас кој ги топли душите и ги милува срцата затоа на сцената на Антички се очекува незаборавна вечер полна со добра музика, многу емоции и срце на тацна, онака како што тоа го прави Ѓоко.
Концертот на Антички е со почеток во 21 часот, а на сцената Ѓоко освен што ќе биде придружуван од Камерниот оркестар од Битола, ќе бидат присутни и неговите специјални гости Драган Мијалковски и Николче Мицевски.
Влезниците веќе се пуштени во продажба, и тоа преку мрежата на Мктикетс, како и во продажните салони на „Литература“ низ земјата и „Кај Аждер“.
Организаторот Фреш унион, најавува музички спектакл, кој ќе се снима со најсовремена техника со оглед на тоа дека подоцна ќе биде изработен и телевизиски проект.