За сите партии е карактеристично дека како долгогодишни донатори се јавуваат пратеници, градоначалници, министри, директори на државни и општински претпријатија, училишта, градинки.
Низ анализа на трите големи политички партии – СДСМ, ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, генерално се забележува дека најдолг е списокот со имиња на донатори кај ВМРО ДПМНЕ, а најмал кај ДУИ.
Сепак, извештаите на ДУИ ги потврдуваат дел од наодите на Транспаренси интереншанал – Македонија. ДУИ во периодот од 2020 до 2023 година има неколку големи донатори вклучително и физички лица, кои донирале поголеми суми, како што е Елмедин Адеми, сопственик на компанијата „Еуровиа“ со 2,5 милиони денари во 2022 година, кога „Еуровиа“ е меѓу четирите донатори кои заедно донирале 6,5 милиони денари.
Компанијата „Еуровиа“ ДООЕЛ од Желино е еден од најголемите донатори на ДУИ, која го доби тендерот за подизведувач на „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорот 8. Речиси во исто време „Еуровиа“ го доби тендерот од Министерството за надворешни работи, раководен од Бујар Османи од ДУИ, тендер вреден 1,8 милиони евра за реконструкција и уредување на салата „Борис Трајковски“ за конференцијата на ОБСЕ, што се одржа во декември 2023 година. По потпишувањето на договорот на 21 август 2023 година, јавноста дозна дека „Еуровиа“ и сопственикот Елмедин Адеми, близок роднина на поранешен министер од ДУИ (покојниот Абдулаќим Адеми), се едни од најголемите донатори на ДУИ изминатите години. Тоа го потврудва и регистарот на донациите на ДУИ.
Сопственикот на „Еуровиа“ – Адеми лично и неколку компании кои се дел од поголемиот холдинг во периодот од 2019 година до 2022 година донирале вкупно 7,2 милиони денари на партијата. Адел холдинг е донатор во 2019 година со 1,045.000 денари, во 2020 година – 619.000 денари.
Во 2021 година донациите за ДУИ дошле од една друга компанија од холдингот на Адеми, „Скрин медиа“, специјализирана за билборди, која е една од четирите компании со најголеми договори за предизборен маркетинг. „Скрин медиа“ на ДУИ во 2021 година донирала 1.230.000 денари. На корпоративниот сајт на eurovia.mk, се информира за договор што „Скрин медиа“ го склучила со „Аеродроми ТАВ“. При тоа пренесена е изјава на, како што пишува „Елмедин Адеми, управител на Скрин медиа“.
Во 2021 година од четирите поголеми донатори правни лица во регистерот, карактеристична е компанијата „Еко техника“ од Тетово, која донирала 768.780 денари на ДУИ. Во системот за јавни набавки, оваа компанија е евидентирана како добитник на голема јавна набавка со вредност од над 20,7 милиони денари за подигнување на техничките капацитети на депонијата Русино, а склучила и неколку други договори со општини и државни институции. Во регистерот на донации на ДУИ впишани се 146 донатори со 29,4 милиони денари. Меѓу формите донатори е и ЈОН медиа од Тетово застапник на електронскиот портал www.arsalbanica.mk со 600.000 ден.
Индикативна е 2016 година во донаторското портфолио на ДУИ, каде се јавуваат 77 донатори со над 1 милион денари, меѓу кои државните компании – Македонски пошти, Македонски железници инфраструктура, АД Аеродроми, Фонд за ПИОМ, Дирекција за заштита и спасување. Меѓу донаторите и Европа 92 – Кочани (ги печатеше учебниците последните години) и „Конти хидропласт“ – и двете комапнии кои имаат голем број на јавни набавки кај државни институции и општини. Компанијата „Конти Хидропласт“ има 12 големи јавни набавки во Системот за јавни набавки. Од членарина се уплатени 1,9 милиони денари, додека од Министерство за правда на партиската сметка се префрлени 10,9 милиони денари.
На последните Парламентарни избори, како дел од коалицијата Европски фронт се донирани 82.000 денари од четири донатори и 8 милиони денари се пренсени од основната сметка на ДУИ. Нивниот кандидат за претседател Бујар Османи на изборната сметка примил донација од компанијата ТДП „Хак комерц“ во висина од 185.000 денари и од партиската сметка 4,1 милион денари.
Мобилизација на донаторите на ВМРО ДПМНЕ во изборните години
ВМРО ДПМНЕ со години има илјадници поединечни донатори во регистрите. Во 2015 година, кога партијата сè уште е на власт, имала 3675 донатори, кои заедно уплатиле над 91 милион денари. Следната 20216-та има 5880 донатори и 115,5 милиони денари примени донации. Во 2017 година 883 донатори со 55,8 милиони. Веќе во 2018 година, кога партијата оди во опозиција, има само 7 донатори – физички лица и две компании, кои заедно уплатиле 901.380 денари, додека во 2019 година имало само три примени донации во износ од 1,8 милиони денари уплатени на две недели пред завршување на годината. Донатори се лидерот Христијан Мицкоски, неговата сопруга и неговиот татко. Сите тројца подеднакво уплатиле по 600.000 денари.
Со изборната 2020 година се враќаат донаторите со преку 754 донации на сметка, кога се уплатени 59,8 милиони денари. На листата се 8 фирми, кои во текот на годината повеќе пати уплаќале средства. Следните две години кога нема избори, значајно опаѓа бројот на донатори.
Во 2022 година има 51 донатор, од кои две правни лица, кои уплатиле 3,3 милиони денари. Најголем донатор е компанијата на градоначалникот на Кавадарци од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Митко Јанчев – „Кожувчанка“ со 700.000 денари. Ланската година (2023) има 67 донации со само една компанија – Лувак 2000, која со години е постојан донатор на партијата. Донирани се 3,7 милиони денари. На листата меѓу донаторите се среќаваат имињата на пратеници, партиски функционери од потесното раководство, како и од општинските комитети.
Донации од компании за ВМРО ДПМНЕ во 2020 година
Членството се активира со распишувањето на изборите во февруари годинава, па на изборната сметка на кандидатката за претседател Гордана Сиљановска Давкова се уплатени близу 20 милиони денари од 526 донатори. Пренесени се уште 20 милиони од партиската сметка на ВМРО ДПМНЕ. За Парламентарните избори, собрани се 34,8 милиони денари од 746 донатори, меѓу кои има и три правни лица. Најголем донатор со 600.000 денари е компанијата „Номадис“ ДООЕЛ. Пренесени се и 35 милиони денари од основната партиска сметка. Од поединечните донатори, најголема е донацијата од градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, кој уплатил 547.000 денари, додека со помали износи се тогашните носистели на листи, сега избрани пратеници, како Драган Ковачки со 400.000 денари и потпретседателот на партијата Александар Николовски со 360.000 денари.
СДСМ со само две донации за Парламентарните избори 2024
СДСМ во 2020 година имала 963 донатори, следната година 996. Од правните лица како донатор редовно се појавува Телеком, компанија која е прикажана дека давала попусти на услугите. Низ годините во ваква форма како донатори се впишани и Роби Телекабел и Еурогума трејд. На листата на донатори во 2020 година се и ОСА, Сити принт, Медиа принт Македонија, Тајм Борг, Тетра – Битола, Купром комерц, а како донатори со опрема се запишани и Фершепд Александар Палас и Агенција Бим инженеринг. Меѓу донаторите се јавува и компанијата Аутомобиле-СК, која според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во двете години на пандемија (2020-2021) е трета компанија по износ на средства од која владините институции склучиле јавни набавки на возила. Во системот на јавни набавки, оваа компанија се среќава со 39 склучени набавки, главно владини институции.
Во 2015 година се запишани 476 донации, а како донатори се јавуваат многу градоначалници и партиски фунционери. Меѓу трите компании кои донирале е и весникот „Слободен печат“, покрај Телеком и Роби Телекабел.
Во 2016-та, има 698 донатори, во 2017 – 743, во 2018-таа – 1495, во 2019 година – 1172 донации.
За време на последните Парламентарни избори, СДСМ има само две донации од две физички лица во износ од 9.225 денари и две компании – „Алекс турс“ со 49.815 денари и „КАН“ ДООЕЛ со донација од 70.100 денари. Кандидатот кој беше поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, во првиот круг нема донации, додека за вториот се евидентирани донации од три физички лица и една компанија – „КАН“ Куманово, кои заедно на изборната сметка на Пендаровски уплатиле 146.917 денари.
Собирањето на средствата и трошењето на партиите за време на последните избори, ќе се види по поднесувањето на извештите 45 дена по изборите. Ревизорите потоа ќе имаат 60 дена да направат ревизија.
„Плацеви на Водно“ или студија на потврдена злоупотреба на членарините и донациите
Има само мал број на процесуирани случаи во правосудството и сите се за незаконско финансирање во изборните кампањи. Веројатно да не беше пресудата за предметот познат како „Плацеви на Водно“, пошироката јавност тешко дека ќе се заинтересираше за тоа како се собираат парите за функцонирање на партиите и каде завршуваат. Ова во исто време е првата пресуда која се однесува на партиското финансирање, односно за злоупотреба на донациите и членарините во ВМРО ДПМНЕ. Меѓу малкуте пресуди, познат е случајот со Љубе Бошкоски, кој беше осуден на 5 години затвор за нелегално финаисирање на неговата партија Обединети за Маедонија, како и предметот „Талир“, кој застаре и не доживеа завршница. Случајот „Талир“ е за нелегално финансирање на партијата и на изборната камапња и е прв случај каде обвинета е политичка партија како правно лице за делото „Перење пари и други приноси“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Министерството за правда во 2018 година санкционира 26 партии поради тоа што јавно не ги објавиле финансиските документи.
Пресудата за „Плацеви на Водно“ на 191 страна, со кој екс-лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски беше осуден на 9 години затвор, откри дека со партиски пари од донации и членарини во висина од 1.300.360 евра, кои се собирале шест години, купено е земјиште од 11.000 квадратни метри на Водно по барање на лидерот. Употребена е офшор команија, а во купувањето посредуваат кумот на тогашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски Ристо Новачевски, како и Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куноска Камчева. Според пресудата на Кривичниот суд – Скопје, Новачевски формира компанија за таа намена, прима пари од компаниите преку кои се свртуваат партиските донации и членарини и го купува земјишето. Земјиштето потоа е пренеменето во градежно и се градат станови.
„Во периодот од месец јуни 2006 година до октомври 2012 година во Скопје, обвинетиот Никола Груевски со искористување на ист траен однос и исти прилики противправно за себе присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени во врска со неговата работа на начин што како одговорно лице претседател на политичката партија ВМРО ДПМНЕ дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку членови на партијата како донации во готовина од физички и правни лица за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ не ги прикажал како примени донации во финасиските квартални и годишни извештаи на партијата и за себе од примените пари присвоил износ од најмалку 1.300.360,00 евра или 79.972.140,00 денари“, стои во пресудата.
ВМРО ДПМНЕ никогаш не предјавила дека недостасуваа 1300.000 евра од касата, забележува адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на Сашо Мијалков како аргумент во прилог на неговиот клиент. Партијата не предјавила и оштетно побарување, ниту пак се утврдило дека фалат било какви пари, а особено не значителен износ од 1.300.000 евра, за што постоеле ревизорски извештаи.
Овој аргумент на адвокатот исчудува, но по овој случај настанаа повеќе законски промени со кои се уреди примањето на партиските донации. Со членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии физичко лице не може да донира повеќе од 30 просечни нето плати во годината, односно за правно лице повеќе од 60 просечни плати. Како приватни извори се членарините, донациите од правни и физички лица, кредитите и тие може да се искористат во кампања. За секоја донација партијата мора да води посебна евиденција со впишано име и презиме на донаторот, датум на уплата и висина на донацијата.
„Талир“ и центрите на моќ
Предметот „Талир“ на поранешното СЈО не го фати рокот за поднесување обвиненија што истече кон средината на јуни 2023 година. Истрагата што ја водеше обвинителката Ленче Ристоска, утврди дека во периодот од 2009 до 2015 година на партиската сметка незаконски легнале 5 милиони евра.
Ристоска смета дека треба да се отвори дебатата за измени во Законот за финансирање на политичките партии. Ова со цел спречување на перење на пари, и да се овозможи слободен пристап до информации од јавен карактер. Иако добиваат државни пари и во најголем дел живееат од државно финансирање, политичките партии се изземени како институции кои треба да доставаат податоци на барања според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Тоа се центри на моќ кои понатаму можат да ја злоупотребуваат државата преку функциите кои ги вршат“, рече Ристоска.
Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во извештај објавен во 2023 година препорачува политичките партии да ја унапредат транспарентноста со објавување на сите финансиски документи за своето работење вклучително и на своите интернет страни. Тука спаѓаат финансиски извештаи, завршни сметки, извештаи и регистри за донации, што според ИРИ треба да бидат групирани и по години и изборни циклуси, ревизорски извештаи, извештаи за спроведување на Законот за пристап до информации од јавен карактер.
Новаковски: Загрижува процентот на државно финансирање
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, адвокатот Александар Новаковски ја предводеше Работната група за измени на Кривичниот законик во текот на 2023 година формирана од Министерството за правда. По шестмечена работа на Работната група за изборното законодавство беа привафени само една-две технички препораки. Предлозите останаа во Министерството за правда и во Собранието на РСМ. Во текот на март и април годинава, иако спротивно на препораките да не се менува изборното законодавство шест месеци пред избори, беа направени само неколку технички измени.
Последната измена на ИЗ на 7 март 2024 – тоа е 41 ден по распишување на изборите и се однесува на начин на гласање со и без примена на технички апарат и медиумското претставување за начин на распределба на јавното финаисрање (плус 1 евро по гласач).
Измените се по брза постапка без јавна расправа и без консултација со клучните чинители. ОБСЕ/ОДИХР изрази загриженост со избрзаното усвојување на важни измени.
Новаковски вели дека низ годините и измените што се носеа го унапредија финансиското известување, но пропуштено е да се направат значајни измени во овој дел.
„Факт е дека има подобрување, тоа е неспорно, но загрижува процентот на финсирање од буџетот, кој се зголемува и тоа е една од крупните забелешки на ЕК со кои треба да се усогласиме.Ако имаме агенда за влез во ЕУ до 2030 година, тоа мора да го решиме, затоа што тука се гледа дека има нефер игра. Проблемот е што поглемите политички партии споро пристапуваат кон измена на овие работи. Се надевам дека ќе саакат, дека ќе мора ова да се направи, крајно време е. Проблемот да се донесат овие измени и да се имплементираат е во лицата кои одлучуваат во водечките политички партии. Никаде на друго место не гледам проблем, изјави Александар Новаковски.
Уште поголема транспарентност на донациите предлага главниот ревизор, Максим Ацевски. Покрај основните податоци за донаторот, Ацевски вели дека треба да постои и изјава дека средствата не се од непознати извори. Ова било еден од предлозите на Работната група.
„Од предлозите во делот за финансирање, измените прво се однесуваат на донацииите од правни и физички лица без разлика дали се уплатени преку редовната или изборната сметка. Утврдивме дека се ризик за финансирање на кампањата од тнр. „црни пари“ и предложивме измена на член 83, а член 83 а да се допрецизира и во пишан текст го допрезициравме. Сметавме дека начинот на обезбедување на донации е најголем ризик од корупција. Предложивме измени со кое е предвидено донаторот заедно со донацијата да достави до учесникот на изборната кампања изјава дека донацијата не е спротивна на став 1 алинеја 6 на членот 83, а тоа е околу средстваа од неидентификувани извори. Донацијата мора да биде транспарентна – тоа се крупни измени, вели Ацевски.
Темата од каде се парите ја истражува и има свои забелешки ДКСК. Во текот на проверките на донаторите кои дале средства на учесници во Локалнте избори 2021, за еден дел ДКСК изразува сомневање дека нивните месечни приходи овозможуваат толкави донации, а меѓу донаторите има и невработени лица. Донирал и Партиски истражувачко -аналитички центар (ДУИ), а неколку физички лица донирале и на редовната сметка на партијата и на сметката на кандидат за градоначалник.
Првиот ревизор Ацевски укажува на уште еден законски пропуст – по завршувањето и објавувањето на конечните резултати секоја политичка партија има право да добива донации во рок од 45 дена.
„Има некој што сака да уплати донација кај оној што ќе ги изгуби изборите?!, реторички прашува Ацевски.
На овој пропуст укажува и претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, која како ревизор во ДЗР работеше на извештаите на политичките партии. Донирањето по завршување на изборите го оценува како „прашање со ризик од корупција“ можноста да се донира по објавување на конечните резултати, а не со завршување на предизборната кампања. Ова според Димитровска, создава ризик од корупција и нефер игра меѓу донаторите и потенцијалните добитници нас тие избори. Друго нерегулирано прашање се долговите.
„Некој од учесниците прикажува непокриени трошоци – тоа не е уредено со Изборниот законик. Против кого ќе е покрене постапка, кога потоа овој субјект се брише од регистар?! Ваквите неусогласености доведуваат до непостапување во спроведувањето на правото и креирање простор за корупција. Предлози за законски измени даде Работната група која 7-8 месеци работеше со цел да се надминат недореченостите. Но, немаше политичка воља. Предложени се повеќе од 17 измени на законот во делот на финансирањето, вели Димитровска, која оцени дека од 30 измени на Изборниот законик партиите главно имале воља само во дел на финансирање на политичките партии од државни пари и во платеното политичко рекламирање“, вели Димитровска.
Платеното политичко рекламирање со сомневања за корупција
Со законски измени во 2018 година, рекламите на политичките партии ги плаќаат граѓаните пред државниот Буџет. Законот пределува пропорционална распределба по правилото 45+45+7+3, или по 45% за двете најголеми опозициски и за две владеачки партии, 7 отсто за парламентарни партии кои не освоиле довоолно пратенички места за да основаат пратеничка група и само 3 отсто за непарламентарните партии.
Сомневањата за злоупотреба на парите од државниот Буџет наменети за платено политичко рекламирање по завршувањето на Предвремените парламентарни избори, во септември 2020 година покрена акција од страна на Обвинителството, кога полицијата влезе кај 8 правни лица со 16 портали. По добиеното Известување од Единицата за корупција при МВР во врска со натписи според кои постојат сомневања за ненаменско трошење на финансиски средства од Буџетот за исполнување на законските обврски на радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми во делот на објавување на платено политичко рекламирање Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција –Скопје, оформи предмет и започна предистражна постапка.
„Во конкретниов случај, не е утврдено дека постои штета за Буџетот на Р.Северна Македонија, јавните фондови или од други средства на државата, па јавниот обвинител утврдил дека нема елементи на законското битие на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. ст.1 од Кривичен Законик, како кривично дело за кои постојат основи на сомневање, поради што нема ни место за било каква јавнообвинителска интервенција“, ни одговорија од Обвинителството на прашањето како заврши истрагата.
Платеното политичко рекламирање предизвика создавање на клиентилистички однос меѓу медиуите и партиите, оценува директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) Зоран Трајчевски. Друг проблем е што поради тоа што трошат државни пари, се рекламираат во термини кои не се гледани или слушани или закажуваат време на медиумите, кои не им е нужно да се рекламираат.
-Се објавуваат на агрегатори на вести и веб страни некои директно поврзани со политички партии. Ако има и повеќејазична варијанта на сајтот, се добиваат по 15.000 евра за сајт. Порталите се отвораат лесно и не им треба дазвола како со ТВ и радијата. Ова остава широк простор за потенцијална корупција со пари на грашаните односно преку вакви субјекти се извлекуваат буџетски средства. Фактот што 8 од 9.5 милиони евра им припаѓаат на 4 најголеми политички партии веднаш јасно покажува дека е спротивно на европските барања за еднакви и недискриминирани услови за пристап до ППР. Нееднаквоста и дискриминацијата се уште поочигледни ако се види дека и распределбата на парите од ППР го следи истиот принцип. Законикот говори за партии кои пред изборите биле опозиција и власт, оценува Трајчевски.
Тој изнесува илустративен пример – во текот на Предвремените парламентарни избори во 2020 година на ТВ биле емитувани 368 часа и на радио 102 часа. За време на Локалните избори 2021 година, во двата круга 640 часови платено политичко рекламирање на ТВ, а 125 часа на радио.
-За политички реклами е потрошено огромно програмско време и тоа за само 20 дена предизборна кампања. Дали толку пари би потрошиле партиите за реклами доколку плаќаа од сопствениот џеб, реторички прашува Трајчевски.
Иконографик со потрошени средства на партиите за радијата и ТВ за изборите 2024
Платеното политичко рекламирање со години се пробламтизира во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР. Така е и во прелиминарните наоди по завршување на двојните избори на 8 мај 2024 година.
„Минималните барања за известување за финансирањето на кампањата, недостатоците и недоследностите на правната рамка, како и ограничените ресурси и капацитети на надзорните органи, вклучувајќи и за следење и спречување на злоупотребата на административни ресурси, значително ја намалија транспарентноста и отчетноста. Повеќето соговорници на МНМИ (Меѓународната набљудувачка мисија) ја истакнаа потребата од понатамошни реформи во медиумскиот сектор за да се подобри одржливоста на медиумите, да се регулираат онлајн медиумите и дополнително да се усогласи правната рамка со законодавството на ЕУ, пишува во извештајот на Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
Формулата за државното финансирање на кампањата, како што забележуваат меѓународните набљудувачи, ги стави во понеповолна позиција помалите и вонпарламентарните партии.
„Претставниците на некои партии на етничките малцинства изразија загриженост дека распределбата на државните средства за кампања според формулата заснована на застапеноста на партиите во собранието ја попречува нивната способност да водат кампања на рамноправна основа, стои во извештајот.
Рекордна заработка од платеното политичко рекламирање на телевизиите донесоа двојните избори. Овие средства за платено политичко рекламирање се обезбедува од државниот Буџет. Најдобро поминаа националните телевизии, кои за време на двата круга на Претседателските избори и за парламентарните избори сите заедно имаат инкасирано 4,4 милиони евра од политички реклами.И овие избори не променија ништо во перцепцијата на партиите каде да огласуваат. Најголема заработка има ТВ Сител, со 894.661 евра, следи Канал 5 со заработка од 827.636 евра и Алсат со 794.877 евра. Трите телевизии заедно заработија 2,5 милиони евра односно повеќе од половината од рекламниот изборен колач за националните телевизии. ТВ 21 е со нешто над половина милион евра – 571.681 евра, следат Телма е со заработка од 412.992 евра, ТВ 24 со 309.462 евра и ТВ Алфа со 233.498 евра.
Избори 2024
Дополнителен проблем е што трети лица може да платат онлајн кампања на мрежи како Фејсбук или на Гугл, платформи што не се експлицитно регулирани во македонското законодавство.
Според Meta Ad Library, извештајот цитиран од Мажународната набљудувачка мисија, во периодот од 18 април до 4 мај, кандидатските листи, партиите што ги поддржуваат и нивните водечки поединци потрошиле вкупно 100.951 евра за рекламирање, при што коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потрошила 44.485 евра, а коалицијата предводена од СДСМ потрошила 25.014 евра.
„Истовремено, двајцата претседателски кандидати во вториот круг од кампањата директно направиле вкупни трошоци за рекламирање од приближно 12.035 евра. Од овој трошок, кандидатот за претседател поддржан од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ реализирал 7.871 евро, додека кандидатот поддржан од коалицијата преводена од СДСМ реализирал 4.164 евра. Пријавените донации од физички и правни лица изнесуваа 659.077 евра; од овој износ, 87 проценти отпаѓаат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пишува во мониторингот на ОБСЕ/ОДИХР.
Засега, судејќи според однесувањето на партиите, извештаите и укажувањата не ги предомислуваат да усвојуваат законски измени, но само такви кои им одат во прилог. Додека институциите и меѓунардоните организации не престануваат во напорите да воспостават што поголема контрола на финаисирањето и трошењето.
Автор: Весна Коловска
Оваа истражувачка сторија е подготвена во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија. За содржината на овој документ одговара авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и Владата на Швајцарија.